Хакерскиот напад врз Фондот за здравство е дел од хибридната војна, велат од МВР – системот останува блокиран

Хаосот на блокираниот систем на Фондот за здравствено осигурување од ден во ден им создава се поголеми главоболки на вработените во здравството, а згора на се им го загорчува животот на пациентите, матичните лекари, болниците зашто се оставени на цедило. Расте револтот кај вработените во јавното здравство, кои не ја добиле платата за јануари.

Матичните имаат уште еден проблем, кој може да стане уште поголем, ако овој прекин потрае. Имено, тие не можат да креираат фактури за своите услуги кон Фондот, и нема да можат да си наплатат за сработеното. Ако тоа потрае до крајот на месецов, покрај лекарите во јавносто здравство, и тие во примарното, како и во приватните здравствени институции, нема да можат да земат плата.

  • Ако утре или в понеделник не бидат исплатени платите, Синдикатот ќе одлучува за следните чекори, односно во вторник идната недела ќе се состанат Советот и Управниот одбор, како раководни тела, и ќе прецизираат што понатаму. Огромно е незадоволството на лекарите, сестрите, болничарите и на другиот медицински персонал, па в среда, најверојатно, ќе има предупредувачки протест, кој понатаму може да премине и во штрајк, посочуваат синикалците.

И ова надлежните го објаснуваат како хибридна војна. Министерот Спасовски кажа дека побарале поддршка од меѓународни институции за да се заштител системот, ама нема гаранции дали и во која мера се загрозени личните податоци на граѓаните со хакерскиот напад . 

  • Таму се работи за хибриден напад со кој е влезно во нивниот систем. Нашиот оддел работи интензивно, бараме поддршка од меѓународни партнери за да го заштитиме системот, колку е можно, за да продолжи понатаму. Ова треба да ни покаже дека сите треба да бидеме дел од заштита на тој систем, да посветиме поголемо внимание на нападите, да се зголеми отпорноста на институциите оти не може една институција да ги штити сите институции. Секоја мора да има заштита и експерти кои тоа ги прават, рече министерот Спасовски.

Тој потврди дека има пријава за нападот во одделот за сајбер-криминал во МВР и се работи на истрагата, но нагласи дека заштитата на институциите треба да биде динамичен процес на ист начин како што е динамичен процесот на електронски развој. Она што денес е безбедно, министерот вели дека за шест месеци веќе може да не биде релевантно.

  • Ако не работиме на првенција, на заштита на тие податоци, ќе биде многу тешко да работиме само со истрагите. Тоа е веќе кривично-правен настан и така го третираме сите ние, вели министерот Спасовски.

Од Владата велат здравствените работници и корисниците на услугите на Фондот да имаат трпение, откако беше најавен протест поради ненавремена исплата. и Премиерот посочува дека станува збор за хибридна војна, а решение за исплата било најдено.

  • Синоќа разговарав со министерот за финансии да се изнајде начин, бидејќи тие во наредните денови ќе имаат решение. Меѓутоа, свесен за тоа дека вработените немаат земено плата, а дека имаат свои обврски по кредитни, дебитни картички итн., разговаравме да може да се направи исплата преку Централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗОМ, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на новата градинка во Волково.

Инаку, повеќе од 10 дена Фондот за здравствено осигурување не може да ги врши обврските кон пациентите затоа што неговиот централизиран компјутерски ситем е вон функција. Пациентите не можат да отворат боледување, доцнат и исплатите и на породилните отсуства. Што се однесува до хакерските напади, МВР до сега не успеа да ги лоцира и испраќачите на дојавите за бомби.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста