Функционерските паричници „потешки“ за 1.000 евра, спикерот Талат Џафери со највисока плата во државата

Владините функционери како да потонаа во земја, откако на нивните сметки легнаа зголемените плати. Од она што се знае, од новите пресметки, најголемото покачување го имаат шефот на државата Стево Пендаровски, спикерот Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски.

Лавина реакции од граѓаните откако функционерите „дебело“ се офајдија. Паричниците, согласно априлската плата, од сега им се „потешки“ за околу 1.000 евра по одлуката на уставниот суд. Најголемото покачување овој месец ќе имаат претседателот Стево Пендаровски, спикерот Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски.

Согласно новото зголемување, собранискиот спикер ќе биде политичарот со највисока плата во државава од 166.000 денари, по него шефот на државата кој ќе добие 1.500 денари повеќе. Платата на премиерот Димитар Ковачевски од овој месец ќе тежи 156.000 денари или над 2.500 евра.

И додека за фукнционерите има огромно покачување, за граѓаните речиси и да нема ништо. Бурно реагираат зашто, како што велат, едвај крпат крај со крај.

  • Арам да им е на парите што ги земаат, Господ да даде оваа Влада да падне и никој да не остане. Ова е срамота што ни го прават на сите нас, гледајте со кеси од 500 денари ништо не можеме да купиме, скапотија огромна е, мизерија невидеа, немам коментар, жестоко реагираат граѓани пред камерата на Алфа, откако функционерите сами себе си ги зголемија платите и до 1.000 евра.

Дебело се офајдија и вицепремиерите, на чии сметки ќе легнат суми од 122.000 до 129.000 денари. Најблиските соработници на премиерот – вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска ќе зема околу 130.000 денари, на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од околу 127.000 денари, додека првиот вицепремиер Артан Груби и министрите за надворешни работи и за одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска имаат плата од 125.000 денари.

На сметките на пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалничката на Скопје, јавниот и народниот правобранител ќе „легне“ плата од над 120.000 денари.

Инаку, ваквото енормно зголемување на платите на функционерите во време на криза, предизвикува одгромен револт во јавноста. Иако Владата најави законски измени за намалување на коефициентите за пресметката на платите, од тоа барем засега нема ништо.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста