Францускиот предлог ги сплоти сите во Бугарија: Најдобар што можеле да добијат

Историски момент за Бугарија, момент да се прифати францускиот предлог, со кој се заштитуваат сите бугарски интереси, порача бугарскиот премиер Кирил Петков. Потенцирајќи дека документот на Емануел Макрон му се допаѓал, порача дека би било добро бугарското Собрание деновиве да го изгласа, со што Македонија би започнала преговори за членство во Европската Унија, но Бугарија ќе има можност да не блокира на секое можно поглавје, ако не ги исполнуваме сите нивни барања.

-Се надевам дека во наредните денови Народното собрание ќе донесе одлука за ова прашање. Имаме историски момент да можеме да ги заштитиме сите наши бугарски интереси, работи за кои сме сонувале и со овој предлог да го заштитиме бугарскиот интерес на долг рок. Ако си претседател на место, го свикуваш Консултативниот совет за национална безбедност, сите служби и партии, седнуваме заедно, разговараме и излегуваме со став. Маските паднаа. Се изморив од кукавици, изјави Петков.

Покрај власта, поддршка за францускиот предлог дава и опозицијата кај источниот сосед. Поранешниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, го повика Петков уште денеска да го стави на гласање на пленарна седница предлогот од Париз и истиот да биде изгласан од Парламентот во Софија.

-Вчера решивме да дадеме зелено светло на темата Северна Македонија. Очекувавме ова денеска да влезе во пленарната сала без игри и финти, а не да си играме со комисии и одолговлекувања. Престанете да кажувате квалификации. Храбар сте, кул сте, ставете го предлогот во сала. Ќе го освоите аплаузот од целиот Европски совет. Денеска е историски ден за Европа и светот, бидејќи има можност Украина, Молдавија,  Македонија, Албанија и Грузија со различни статуси да влезат во Унијата и да ја направат посилна, изјави Борисов.

Францускиот предлог, кој речиси сите во Софија го прифатија со радост, сега е проблем за Макеонија. Голем дел од граѓаните и интелектуалнаа јавност се противат Македонија да прифати вакви услови за старт на преговори, па дури беше организиран и протест поради ваквиот документ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста