Учебната година ќе започне на први октомври

Учебната година најверојатно ќе започне дури на први октомври, со протоколите и правилата кои досега и се познати на јавноста. Оваа информација ја обелодени денеска мандатарот Зоран Заев, кој рече дека заради имплементирање на новите правила, но и законските измени 1 септември е недостижен датум за старт на годината, така што новиот датум е први октомври. 

Школската година нема да почне на 1 септември. Тенденцијата на подготовките поради здравствените протоколи ја носат работата тоа да биде на 1 октомври – изјави Зоран Заев.

Сепак, конечната одлука се очекува да биде донесе на денешната владина седница, која на дневен ред ја има токму оваа точка. Како што е познато, последниот договор меѓу комисијата за заразни болести и министерството за образование е учениците од прво до трето одделение да посетуваат настава во училиште, со дозвола на родителите, а сите останати да учат онлајн од дома. За да се спроведе овој план, потребно е да се извршат и законски измени кои досега не можеа да се усвојат заради нефункционалното Собрание. 

Ваквите протоколи и правила предизвикаа бура од реакции од учениците, родителите, наставниците и професорите кои не се согласуваат со предлогот на власта. Токму заради ова, Средношколската унија за во понеделник има закажано масовни протести. 

Министерот за здравство Венко Филипче вчера одржа средба со средношколците, но не успеа да ги разубеди. Веројатно под притисок на јавноста синоќа тој најави и промени на концептот. Според него, учебната година би требало да почне како што е предвидено сега, но доколку епидемиолошката состојба остане иста, можно е етапно учениците да се враќаат во училиштата. 

Ќе ја пратиме епидемиолошката ситуација. Доколку таа остане вака стабилна како што е сега, овој тренд на мало намалување,  но сепак намалување на бројот на случаи –  ќе се дозволи постепено враќање со физичко присуство и на други ученици од други одделенија – изјави Венко Филипче.

Времето одминува, и премногу долго се чека на конечна одлука. Протоколите се изготвуваат и како што вели министерот, се базираат на универзални принципи за да се спречи ширењето на вирусот. Доколку враќањето во училиште се одвива постепено, меѓу првите ќе се вратат и учениците од стручните училишта коишто праксата мора да ја изведуваат со физичко присуство.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста