Учебната година на прагот а нема ни учебници ни сведителства

Учебната година изгледа пак ќе почне без учебници. На три недели пред почетокот, за второ и петто оделенците се уште нема книги. Според експертите проблемот станува традиционален, а, како што стојат работите, децата пак ќе треба да копираат, принтаат и да учат од скрипти.

– „За жал ова не е ситуација само оваа година. Ова е ситуација која трае во континуитет, повеќе години и е одраз на неспособноста на оваа Влада да се справи со ситните проблеми, наместо да се справува со крупните и значајни проблеми. Апсолутно е недозоволиво. Учебници треба да има и за учениците и за наставниците.“ – Вели проф. д-р. Весна Јаневска.

Министерот за образование се правда, како што тоа претходно го правеше и Царовска. Иако не за сите, учебници ќе имало. А и за оние кои ќе ги има, ќе биле по стара програма.

– „Од 1 септември ќе има учебници во трето, шесто, седмо, осмо и деветто одделение кои се по стара концепција и мислам дека тие ќе бидат навремено доставени до училиштата. За новата концепција сме во фаза на одобрување и на економски оператор и на некои учебници, но имаме уште 20 дена рок и очекувам и овие да бидат позитивно завршени до почетокот на новата учебна година“ – Изјави министерот Шаќири за дел од медиумите.

Учебници нема, ама нема ни свидетелства. Традиционалното доделување на оценките во јуни, годинава изостана. Договорот за печатење на сведителствата и за основно и за средно образование е склучен дури на 1 август. Тендерот го добила фирмата „Арбериа Десигн“ од Тетово.

– „И сведитлества нема. Земислете, се уште нема и најверојатно ќе ги нема ни сега од последниве денови од август, кога учениците ќе треба да се запишуваат во наредната година, во средно, па ќе се запишуваат со некакви ливчиња, наречени потврди, во следното одделение.“ – Додава проф. Јаневска.

Министерот Шаќири и за овој проблем најде утеха. Вели бил решен, и учениците иако со задоцнување, сепак ќе добиеле сведителства. Овој Јуни, свидетелства добија само учениците кои образованието ќе го продолжат во странство.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста