Утре заедничка литургија на архиепископот Стефан и патријархот Порфириј

Течат последните подготовски за српската црковна делегација која денеска пристигнува во Скопје. Заедничката литургија на двете цркви, МПЦ-ОА и СПЦ, ќе биде утре од 9 часот во скопскиот соборен храм Свети Климент Охридски. Повторно, заедно ќе богослужат архиепископот охридски и македонски Стефан и српскиот патријарх Порфириј и сите владици од македонската и српската црква. На крајот на литургијата двајцата поглавари ќе имаат говори.

  • Сметавме дека е прилично и долично Соборниот Храм да светне, во најдоброто светло што можеме да го овозможиме за овој историски момент за сите нас. Самата литургија значи заедништво, значи една уста и едно срце кои го слават Господ, без ниедна разлика и надминување на сите разлики кои не разделуваа – рече Отец Бобан Митевски.

Архиепископот ГГ.Стефан и патријархот Порфириј веќе богослужеа заедно во храмот Свети Сава во Белград во четвртокот.  Со литургијата за помирување се надмина 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење. Претходно, на почетокот на мај, Вселенскиот патријарх ја призна МПЦ-ОА за канонска црква. Токму Вселенскиот патријарх Вартоломеј на себе си го препишува помирувањето помеѓу и ја поздравува соработката двете цркви.

– Преку вас ја поздравувам светата црква на Србија и срдечно го прегрнувам нејзиниот поглавар, најљубениот и блажениот патријарх г. Порфириј. Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски, на заедничка вера и заеднички борби, и врски на љубовта на мајката кон својата сакана ќерка, кои според апостол Павле, „никогаш не пропаѓаат“, истакна вселенскиот патријарх.

Вартоломеј ја нагласи и радоста на Мајката црква во Константинопол по „историската одлука“ на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот.

Следниот чекор за МПЦ-ОА е предлогот за автокефален статус кој треба да дојде од владиците на српскиот Сабор до Вселенската патријаршија. Српскиот Сабор заседава до денеска, што е надеж за македонската црква дека Патријархот и делегација ќе ја донесат и радосната вест.

Познавачи на црковното прашање за Алфа објаснија дека кога ќе стигне предлогот од СПЦ прогласување автокефалност на МПЦ-ОА,на вселенскиот патријарх не му останува ништо друго, освен да премине кон издавање Томос на македонската црква.

На почетокот на идниот месец, македонска црковна делегација со арпхиепископот охридски и македонски Стефан ќе биде во посета на Цариград каде, на петти јуни, на празникот Педесетница, ќе богослужат заедно со Вселеснкиот патријарх Вартоломеј.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста