Тутунарите да не ги потпишуваат новите договори додека не се постигнат повисоки цени

Свесни дека тутун има се’ помалку, на стартот од новата производна реколта, откупувачите растрчани да потпишат договор плус со се’ помалубројните тутунопроизводители. Од Сојузот на земјоделски здруженија пак, апелираат тутунарите да не ги потпишуваат новите договори се’ додека не се постигнат повисоки цени од сега понудените, а кои се по 300, 240 и 180 денари, за прва, втора и трета класа.

  „Тие ги понудија истите цени од анекс-договорот по кој зимоска се откупуваше. Тие зимсока, и покрај цените, и покрај Правилникот го зедоа на 290 денари што значи дека и оваа година може да се покачи за уште 20 проценти по класи за наредната година да добиеме повисока цена за да можеме и ние да опстанеме со тие пари“, рече Мендо Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

  Иако е јавна тајна дека тутунопроизводството веќе е на работ од опстанокот како гранка, сепак откупувачите сакаат на „мала врата“ да го протнат ланскиот ценовник, реагираат непосредните производители.

   „Откупувачите сакаат да си ги склучат договорите на ланските кп-бројки и тоа предвремено. Почната е реколтата со расади, а компаниите веќе си ги имаат земено кп-бројките и сакаат да ги склучат договорите. Ние ги замолуваме тутунарите да не склучуваат договори“, посочува Гоце Јончески, тутунопроизводител од с. Заполжани.

  „Мораме да бидеме сложни и да не правиме договори дури не направиме нови цени. Со овие цени не одговара. Инфлацијата е многу голема и само маката ќе ни остане“, вели Злате Даноски, претседател на ТЗ „Мице Козар“ од Прилеп.

   Инаку, склучувањето на годинашните договори, законски треба да заврши на 31 март. Тутунарите велат дека доколку не постигнат зголемување на откупните цени до тој рок, ќе бараат негово продолжување се’ додека не се договорат, што би одело на штета и на откупувачите, и на државата.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста