Тутунарите бараат производната цена на тутунот и на другите земјоделски производи да ја утврдува Владата со помош на стручни лица

        „Владата и ресорниот министер Николовски не смеат да се изземаат од утврдувањето на производните и откупните цени на земјоделските производи. Тоа е нивна обврска“, сметаат тутунарите од четирите новоформирани тутунски здруженија. „За таа цел, јавно го повикуваме министерот да испрати барање до Институтот за тутун во Прилеп или до Земјоделскиот факултет во Скопје, каде агроекономистите ќе ги утврдат реалните трошоци за производство на килограм тутун во оваа реколта. И таа цена зголемена за 30% да биде основа за утврдување на просечната откупна цена“. Според нив, ваков пристап требало да има за сите земјоделски производи ако државата сака да го зачува земјоделието и производството на храна, а и да ги заштити земјоделците кои сега се принудени или своите производи да ги продаваат по цена пониска од производната, или да ги фрлаат на буниште“, стои во нивната писмена реакција.

  „Имаше ветување дека ќе се направи тоа, но после на нашите повици не се одговараше. Наша претпоставка е дека тука има нешто матно..оти самите сме свесни дека последниве 3-4 години, ние тутунарите работиме со загуби“,– вели Тони Ангелески, претседател на ТЗ „Жолто тутунско злато“.

   Тутунарите имаат големи сомнежи и во врска со активностите на Сојузот на земјоделски здруженија, особено откако неодамна Владата му ја префрли топката за тој директно да преговора со откупувачите околу формирањето на годинашната откупна цена. За тутунарите неговиот легитимитет е спорен и сметаат дека е само продолжена рака на државата во злоупотребите на земјоделците.

   „Ако го имаме предвид фактот кои луѓе го водат Сојузот, како е Сојузот земен преку ноќ, какви не проблематики се направени во тој Сојуз…едноставно мислиме дека Сојузот е во спрега со државата. Од една страна не штити нас, не штити во наводници, а од друга страна ги штити откупувачите, така што тоа што треба секој производител да се договора со откупувачите за по која цена, тоа, по наше видување e замајување на народот, на тутунарите“ – дециден е Ангелески.

  Исто така, она што дополнително ги вознемирува е и неодамнешното назначување на новиот директор на Земјоделскиот инспекторат, кој истовремено е и сопственик на една откупувачка компанија. Според тутунарите тоа е недопустливо, бидејќи има конфликт на интереси, а кој секако ќе биде на штета на тутунарите.

    Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста