Трошоците за живот зголемени за 17,1% за една година – најголемо поскапување кај храната од 25,1%

За 17,1% пораснале трошоците за живот за една година. Според државната статистика најголемо поскапување има кај храната од 25.1%. Цените се повисоки кај буквално сите производи. Лебот е поскапен за 39,1%, месото за 28,3%, млекото, сирењето и јајцата за 36,2%, маслото за јадење за 18,4%, овошјето за 11,4%, жестоките пијалаци за 9,2%, итн.

По повисока цена се купува и струјата, а зголемување на цените има и кај услугата за собирање смет, весниците, канцеларискиот материјал, апаратите за домаќинствата, како и за нивна поправка, потоа спортска опрема, производи за лична хигиена и друго.

АНКЕТА

Инаку, откако Владата се закани дека ќе ги повлече субвенциите за струја на компаниите кои не ги намалиле цените на производите, дел од прехранбениот сектор повикува Владата да ги искористи инспекторите и да провери дали има основа тие да бидат казнети, но дел од компаниите велат дека и покрај поевтината струја нема услови за намалување на цената, зашто цените на увозните суровини биле високи.

Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши се закани дека за две недели ќе се одлучи дали ќе се казнуваат компаниите кои користат евтина струја и кои не ги намалиле цените. Најави и анализа на фактичката состојба до крајот на месецов.

И додека власта и стопанството се натегаат каде бил проблемот, сиот товар паѓа врз и онака осиромашениот граѓанин. Па така, Владата најави казни, а компаниите велат дека цените се намалени, ама барем за сега, никој тоа не може да го види.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста