Трибина на ВМРО-ДПМЕ: Власта ја злоупотребува ЕУ за да краде стотици милиони евра

Ја злоупотребуваат Европската Унија за да крадат стотици милиони евра, само така можеме да го сфатиме европското знаменце на законите за „Бехтел и Енка“, порача лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Според него досега сме виделе само една година фалење за Коридорите 8 и 10Д, а освен фотографирање не сме виделе ниту фрлена лопата, а можеме да видиме дека ќе се фрлеле на 300 милиони евра само на име аванси и пенали.

-Кражбата која цела клика ја турка пред наши очи. Цела година зборуваат за овој проект, а лопата не удрија, а оние пак внимавајте добро, оние пак рекреативците во скопски Чаир направија паркинг во дворот на болницата и тоа без европско знаменце. И ова колку и да е смешно говори само за беззаконието кое владее во Македонија, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски загрижувачки е што случајот со Коридорите не е единствен многу такви сме можеле да видиме во текот на минативе години.

-На европско тло и Ден Дончев помалку го заборавивме земаше туце пари и еве сега во Австралија го пуштија за да не одговара, на еворпско тло се случи рекетот на Катица, освен нејзе што ја пуштија низ вода никој друг овде не одговараше, да не зборам за Рашковски, за изгорената модуларна болница, изјави Мицкоски.

Партискиот потпретседател Владо Мисајловски за Алфа вели дека токму ваквите криминални договори биле една од причината зошто многумина млади својата иднина ја гледаат во тоа што побрзо да ја напуштат државата.

-Кога вакви договори нема да бидат потпишани, кога ќе имаме здравство како што треба, кога ќе има образование европско, каде што ќе има плати подобри, каде што ќе се намалува инфлацијата, каде што ќе се гледа како младите да уживаат Република Македонија, бидејќи они треба да бидат слободни и да се покажуваат во институциите тука и на крајот да останат тука, да се покажуваат во општествениот живот. За жал не го гледаат тоа во институциите и дел од нив бараат да излезат надвор, изјави Мисајловски

Тема на трибината на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово во акцијата „Македонија за сите луѓе“ беа токму политиките на младите. Од опозициската партија порачаа дека по доаѓањето на власт ќе сторат се за враќање и задржување на младите во Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста