„Трета среќа“ за автопатот Прилеп – Битола

        Автопат наречен желба! Така може да се опише почетокот на изградбата на автопататот Прилеп – Битола кој на прилепчани и битолчани, но и пелагониските бизнисмени им се ветува со години. По неколкукраните пролонгирања само во последниве 4-5 години, деновиве, со потпишувањето на договорот со Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ надежите повторно се подгреани дека автопатот сепак ќе го биде.  Најави за изградба на овој сега веќе фамозен автопат имаше и во претходниве години. Уште во декември 2019 година, тогашниот премиер Зоран Заев од центарот на Прилеп, почетокот на изградбата на овој автопат оптимистички ја најави за 2020 година, што не се случи.

  „Почнува во март месец, по „јелоу фидик“, изградба на автопатско решение Прилеп-Битола. Битолчани до Прилеп, прилепчани до Битола, ама автопат си е автопат. Овој автопат вреди безмалку 100 милиони евра како автопатско решение“, – рече екс-премиерот Зоран Заев. (19.12.2019 г.)

   Две години подоцна, исти ветувања за овој автопат дадоа и заменик-претседателот  на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

   „Јас би сакал да укажам на една делница која што е толку озборувана. А таа е Прилеп – Битола. За првпат воведуваме нов начин на градење на автопатски решенија во државата, а тоа се „фидик-правилата“. Од денеска можам да кажам дека Пелагонискиот регион ќе има автопат Прилеп-Битола за една и пол година, најмалце и побрзо отколку што ќе имаше во било кој друг случај“, – изјави вице-премиерот Фатмир Битиќи. (12.02.2021)

 „Пред два дена потпишавме меморандум за изградба на автопат Битола-Прилеп. Очекуваме оваа година да се почне со градба, а дотогаш да бидат завршени сите технички детали“, кажа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на 2 април 2021 година.

   Сега пак, ветувањата се дека овој автопат треба да почне да се гради за месец и половина, односно од 22 април. Станува збор за делница долга 39,3 километри која ќе се гради 57 месеци. Според Владата, просечната цена по изграден километар ќе чини 12 милиони евра или вкупната сума за автопатот Прилеп-Битола би била околу 472 милиони евра. Проектните и градежните работи Владата му ги довери на Конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој освен автопатот Прилеп-Битола, кој е и најдолг, истовремено ќе гради и на уште три други делници во земјава. Вредноста на договорот е 1,3 милијарди евра за вкупно 108,8 километри патишта кои треба да бидат завршени до 2027 година.    

    Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста