Толку од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот – од среда нови поскапувања

Гнев и хаос предизвикуваа владините најави за зголемување на замрзнатите цени на дел од основните земјоделски продукти. И купувачите и продавачите револтини. Првите зошто владата им се меша и нереално носи одлуки, вторите зошто не можат да си дозволат да купат овошје и зеленчук по пристојни цени. Новиот предлог за цените се очекува да биде соопштен утре.

Лути пазарџии, нервозни купувачи. Само пет дена замрзнати цени на овошјето и зеленчукот.  Во пресрет на утрешните корекции на цените, продавачите бесни, зашто Владата си играла топло – ладно со нив. Велат било крајно несриозно еднаш да носи мерки, а потоа да ги поништува, но и да се меша во нивниот есап.

  • Оваа Влада не ја бива. Дефинитивно. Се ова што прави е на наша штета, не може вака да си тера се по свое, мора да направи нешто за нас да не заштити, а не да се богати само една група на луѓе, поготово оние увозниците кои на наш грб се богатата, велат пазарџиите кои по цел ден мрзнат на тезгите.

Сиот ќар паѓа во рацете на увозниците на овошје и зеленчук кои изминатиот период прикажувале лажни фактури за да имаат огромна заработка, обвини власта.

Дел од пазарџиите денеска не беа расположени за коментар. Министерот за економија Крешник Бектеши веќе најави оти утре на седница на Владата ќе бидат одмрзнати дел од цените на овошјето и зеленчукот.

И покрај замрзнувањето и ограничувањето на цените, на терен се уште може да се најдат производи со високи цени. Домашните производители велат дека немаат никаква поддршка од државата, па затоа од ден во ден домашното производство се повеќе тоне.

  • Се ова што гледате е увозно, кромидот, доматите – еве тие треба да стигнат деновиве. Зошто е тоа така, зашто ние немаме домашно производство, ние немаме ништо, немаме работници, младите не сакаат да работат за тие пари, си одат од државата секој ден. Ресенско каде има производтсво на јаболка веќе чобек нема што ќе работи, мислам дека е лошо многу дојдено, велат производители на овошје за Алфа.

Фирмите кои чувале залихи на овошје и зеленчук и продавале поскапо ќе платат казна, велат од инспекцијата, која проверува дали и зошто продавачите не ги усогласиле цените.  Инспекторите влегоа и во Кванташки пазар во Маџари, од каде добар дел од тезгаџиите ја набавуваат робата. Освен во Скопје, инспекции се вршат и кај увозниците на големо во другите градови низ земјава.

Купувачите збунети, иако очекуваа пристојни цени во пресрет на велигденските и првомајските празници, сепак ќе бидат приморани да купуваат поскапа храна.

Со Владината одлука од 5 април се стави мраз на цената за свежите домати, краставици, кромид, карфиол, зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони. Килограм домати може да се продава најмногу за 70 денари, краставиците до 75, кромидот до 60 денари. Сите овие од утре, ќе добијат нова, повисока цена.  

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста