Тешко во ЕУ без суштински реформи во правосудството

Судството на колена додека власта цела енергија ја вложува во уставните измени – камо тоа да беше единствената пречка на патот кон ЕУ. Експертите алармираат дека ако сакаме Македонија еден ден да стане членка на Европската Унија, потребни се суштиснки реформи во правосудниот систем за што сериозни осуди добиваме и од меѓународниот фактор. Последна уште една силна шлаканица беше реакцијата на холандскиот амбасадор, кој забележа дека состојбата со корупцијата во државата никогаш не била полоша. Холандаската амбасада одлучи проектот за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет да го стави во мирување бидејќи случувањата во оваа институција ги оценија како преседан. Експерите децинди овој чекор на амбасадорот Дирк Јан Коп мора конечно да допре до властите и да ги отрезни.

Изјавата на холандскиот aмбасадор треба да не отрезни, да ни укаже дека оваа состојба во која се наоѓа судството, Судски совет не е судски здрава, од неа не произлегува вистинска реформа во правосудството и негово заздравување и исправување на нозе. Таа изјава треба да не отрезни и да ни каже во кој правец да се движиме – вели поранешниот претседател на Врховен суд, Дане Илиев.

Се посилните реакции од меѓународниот фактор дека надлежните не спроведуваат реформи во судството се показател дека никогаш не е исклучена можноста, друга европска земја да не блокира на патот кон ЕУ. Таков беше случајот со Албанија кога во 2019 година, холандскиот парламент донесе одлука за блокада поради недоволниот прогрес во делот на борбата против организираниот криминал и корупцијата. Лани пак, Бугарија доби вето за влез во Шенген зоната, исто поради состојбата во судството и корупцијата.

Според поранешниот претседател на Судски совет Зоран Караџовски, власта толку се вложува во уставните измени, како тоа да е единствена обврска за членство во ЕУ.

Во судството се направени одамна некои реформи но се носат избрзани законски решенија кои не се соодветни на моментот и на процесот кој претходно траел. Имавме мерит систем, кој егзактно покажуваше, кој и како се вреднуваше од судиите. Не велам дека тој систем беше совршен, но беше еден механизам за непристрасно оценување. Устата ни е полна со уставни измени, ќе звучам иронично, сите би биле среќни доколку единствен услов би биле уставни измени, но тоа не е така, и сите институции треба да си ги извршуваат своите обврски согласно потребите на граѓаните а не дневно политичките игри – вели поранешниот претседател на Судски совет Зоран Караџовски.  

Бројни амбасадори на земји членки на ЕУ постојано реагираат дека е крајно време е да се сфати потребата за реформи во судството и нивно доследно применување од сите државни институции. Најповиканите за ова се судиите, обвинителите, адвокатите, високите функционери.

Укори во неколку наврати стигнаа и од САД. Амбасадорката преку отворено писмо посочи на лошата состојба во судството. Претходно од Вашингтон стигнаа и тимови за спасување на правосудсниот систем и борба против корупцијата, а образложението беше дека во Македонија се потребни повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста