Средновековен Варош, „гнездото“ на 77 цркви, го слави „Источен петок – Балаклија“

„Гнездото“ на дури 77 цркви, свиено во пазувите на славните Маркови Кули, средновековен Варош, доследно на многувековната традиција, според сите адети и обичаи, денеска го слави „Источен Петок – Балаклија“. Овој празник, меѓу варошани попознат и како „Голем Петок“, кој е и слава на познатото светилиште Манастирот „Св. Архангел Михаил“ има огромно духовно значење за верниците, па тие во текот на целиот ден доаѓаат тука да се помолат за здравје, но и да наполнат од светата манастирска вода за која се верува дека е лековита.

„Неколку години наназад идиме да запалиме свеќа, да се помолиме за здравје на Богоројчичка Мајчичка, да ни биде на помош на сите“.

„Отсекогаш било вака, имало и повеќе народ и треба да продолжи“.

„Како Голем Петок го сметаат дека сите болни оздравуваат на овој ден, па и ние дојдовме да запалиме свеќа за здравје за фамилијата. Многувековна традиција е и треба да продолжи, многу е убаво“.

„Викаат дека е лековита водата ако се напие човек од нејзе и е многу значаен празник за Прилеп. Само напред. Немаме поддршка од политичарите, барем од Господ“.

„Лани бевме, ама немаше толку народ. А годинава едвај се качивме и сега полека слегуваме“. 

Во прилепската населба Варош, врз чии темели пред повеќе од еден милениум се издигнал и градот Прилеп, прилепувајќи се до оваа средновековна населба, во моментов активни се само шест цркви, а над шееситина чекаат подобро времиња за да бидат откриени. Варошани се особено горди на ова нивно, но и национално културно богатсво. Со носталгија се сеќаваат на старите времиња кога токму тука се одржувале најголемите панаѓури, а тупотот на тапаните и писокот на зурлите се слушал дури до Белото Море.

„Овде, јас знам, ко дете, ова „Дабојц“ се викаше местото, бунар имаше и дрво, ене го дрвото уште стои. Се сеќавам со родителите сум идела, со јадење, па тапани, па песни и сето тоа. Убава традиција и треба да продолжи“.

„Порано овде имало игранки, тапани, зурли, народ, играа. Сега има многу народ, ама тие тапани ги нема, не знам зошто“.                                                           

Со цел зачувување на оваа култна слава како заштитетно културно добро, уште во 2011 година од страна на Институтот за старословенска култура до Министерството за култура беше поднесен Елаборат за прогласување на „Голем Петок“ за македонско нематеријално културно богатство.

Меѓутоа, и по 12 години оттогаш, според етнологот д-р Ели Милошеска – Луческа, која е и автор на овој труд, досега ништо не било сторено што било голема штета. Инаку, за денешната слава, сите варошани подготвуваат традиционална мрсна трпеза, а нивните домови ширум се отворен за сите добронамерници.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста