Струјата поскапува во просек за 7,4% или околу 400 денари месечно за просечно семејство

Струјата поскапува во просек за 7,4% – пресече денеска Регулаторната комисија за енергетика. За најголем дел, односно за 99% од домаќинствата сметките во просек се зголемуваат за околу 400 денари. Евтината тарифа која важи од 22 часот навечер до 7 часот наутро и цел ден во недела поскапува за 8,69%. Цените на скапата струја пак се делат во 4 блока. За првиот со потрошувачка до 210 киловатчасови, цената се зголемува за 5,5%, во вториот блок со потрошувачка од 211 до 630 квч цената има пораст за 10,3%. За третиот блок од 631 до 1050 квч цената е повисока за 18,3%, а за четвртиот со потрошувачка над 1050 квч зголемувањето е дури 138,7%. Сепак, претседателот на РКЕ одби да ги каже цените детално во денари, за граѓаните да можат точно да пресметаат колку би им се зголемиле сметките за струја. На веб страницата на Регулаторната комисија има поставено калкулатор кој дава само орентациона пресметка.

„Ако има потрошено некој потрошувач 1.100 киловатчасови, првите 210 киловатчасови ќе с енаплатат по цена за првиот блок, од 210 до 630 киловатчасови значи 420 киловатчасови ќе се наплатат по цена за втор блок, од 630 до 1010 киловатчасови значи разликата се наплаќа по цена за трет блок, од 1050 до 1100, само тие 50 киловатчасови ќе се наплатат по цената за 4-тиот блок “ – вели Марко Бислимовски од РКЕ.

Пресметките покажуваат дека едно просечно семејство кое внимава и штеди струја, максимално ги вклучува уредите на евтина струја и се лади и грее на климатизер без инвертер, од први јули ќе треба да плаќа околу 400 денари повеќе. Ако домаќинството троши 750 киловатчасови, од кои 400 во евтина и 350 во скапа тарифа, сега плаќа 4.000 денари. Од задутре 400-те киловати во евтина тарифа ќе ги плаќа за 8,69% поскапо. 350 киловати, пак ќе се поделат на 210 во прв блок по цена поголема за 5,5% и останатите 140 киловати во втор блок по цена зголемена за 10,3%. Сметката е поголема за 350 денари, а кога на ова ќе се додадат трошоците за јавно осветлување и ДДВ од 5%, сметката ќе биде уште поголема. Калкулациите на веб страницата на Регулаторна се приближни до нашите.

Во сметките за струја, секое домаќинство одделно ќе има просечна цена на струјата, зависно од блоковите, па можностите за споредба со други семејства се сведени на минимум. Дополнително пак, ќе биде наведена и посебна цена за мрежарина. Додека експертите негодуваат дека новиот тарифен систем за струја е комплициран и граѓаните нема да се снајдат во пресметките, од Регулаторната комисија уверуваат дека простор за манипулации ќе нема.

Инаку енергетските компании побараа значајни поскапувања. Сепак, регулаторот на мЕПСО не му признал ништо од прикажаните трошоци, на МЕМО само 7%, на Електродистрибуција 21% од прикажаните трошоци, а на ЕВН Хоум третина од побараната сума.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста