Струјата не би требало да поскапи за првите два блока потрошувачи

Неплатените долгови за струја на Клинички, Железници, затворите, студентските домови, факултетите, судовите, зоолошката градина достигнуваат 40 милиони евра. Убедливо најголем долг има Клиничкиот центар од 7 милиони евра. ЕВН веќе почна да испорачува известувања за исклучување до институциите што должат. Министерот за финансии Бесими сега ќе се обидува да најде некако пари во буџетот за болниците да не останат во мрак. Премиерот дециден – не трпел директори што не плаќале струја. Онаму кадешто нема оправданост за неплаќањето, ќе има повикување на одговорност.

Сепак, нејасно е зошто дури кога стана јасно дека ЕВН планира да ги исклучи, Владата сега во 5 до 12 реагира и глуми зачуденост од ваквата состојба, кога истите компании имаат долгогодишни долгови направени многу пред стартот на енергетската криза. Министерот за економија Бектеши, пак реагира и на училиштата и јавните комунални претпријатија кои не се пријавија за да добијат субвенционирана струја. Вели дека е недозволива неодговорноста на директорите кои наместо 95 евра за мегаватчас, плаќаат неколкукратно повеќе.

Според Бектеши, долговите на овие институции нема да удрат врз џебот на граѓаните. Вели дека ова не значи дека ќе се зголемат цените на струјата за домаќинствата. Уверува дека за мнозинството граѓани кои влегуваат во првиот и вториот блок, поскапување нема да има. Извесно е и дека ќе нема промени во потрошувачката по блокови, односно дека праговите нема да се поместуваат.

ЕСМ „во мртва трка“ да го зголеми производството за 25% годинава. Директорот на државните електрани Васко Ковачевски уверува дека плановите за производство во целост ќе биле остварени. До средина на месецов сите расположливи енергетски капацитети ќе биле во функција. Осломеј е веќе приклучен на мрежа, ТЕЦ Неготино профункционира со еден котел, а конечно за да проработи третиот блок од РЕК Битола треба да се решат логистичките проблеми при транспортот на трансформаторот кој е заглавен на турско-грчката граница.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста