Струјата може да поскапе за 9% – се е во рацете на Регулаторна

Дали струјата за домаќинствата ќе поскапе за 9% од први јануари? Енергетските компании веќе ги доставиле своите барања и Регулаторната комисија за енергетика ги прави последните пресметки. Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски вели дека доколку се прифатат сите нивни барања во целост, тоа ќе значи поскапување на струјата за 4%. Кога на тоа ќе се додаде и зголемениот ДДВ од 5 на 10%, сметките за струја би можеле да се зголемат за околу 9%.

„Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок“ – рече претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Преносниот оператор МЕПСО побарал зголемување на својата услуга за близу 30%. Електродистрибуција бара намалување од 2,8%. ЕСМ, пак ќе му ја продава струјата на универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ за 16% поскапо. Засега нема да се менуваат границите на потрошената струја во блок тарифите за домаќинствата.

Премиерот и министрите изминатиов период упорно уверуваа дека струјата нема да поскапи по Нова Година, Но не дадоа информации ниту колку финансиски треба да се поддржат државните елетрани за да се зачува социјалниот мир и да се избегне ценовен шок за населението.

Регулаторна ќе ја соопшти конечната одлука за крајната цена на струјата до крајот на неделава. Новата цена ќе важи во првите 6 месеци од следната година. За 2023-та година „ЕВН Хоум“ бара 3.900 гигават часови електрична енергија за домаќинствата што во целост треба да ја обезбедат државните електрани. Во 2022-та, се укина евтината дневна тарифа, се воведоа 4-те блок тарифи на потрошувачка, а струјата поскапе за речиси 17%, еднаш од 9 и пол отсто на стартот на 2022-та и за 7,4% кон крајот на јуни.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста