Странските компании во страв Русија да не го секне гасот, алтернативите поскапи

Странските инвеститори во индустриските зони во страв дали Русија ќе го секне гасот и за Македонија. Засега сите компании се‘ уште го користат гасот како енергенс и испораката се одвива без проблеми. Директорот на технолошко-индустриските развојни зони Јован Деспотовски тврди дека во договорите фирмите имаат клаузули дека во случај на прекин на снабдувањето со гас  компаниите мора сами да си обезбедат алтернативни извори на снабдување со енергија. Сепак, не кажа колку тоа поскапо би ги чинело инвеститорите. Фирмите од зоните 1 и 2 имаат годишен договор за 5,2 милиони нормални метри кубни гас. Набавката ги чини 750 илјади евра месечно.

Од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство веќе алармираа дека ова ќе биде тешка година. Најпознатите автомобилски брендови затворија некои од капацитетите бидејќи дел од компонентите им доаѓале од Украина. Бројките се поразителни. Продажбата на нови автомобили во Европа паѓа веќе 9 месеци по ред. Само во март опаднала за 20%. И покрај ова, од ТИРЗ велат дека странските инвеститори имаат залихи и немало потреба од интервенции.

Лани 16 од странските инвеститори во зоните  работеле со загуба, а 18 со добивка. Добиле речиси 12 милиони евра помош од државата, а буџетот го наполниле со 32 милиони евра од даноци и придонеси на плати за вработените. Просечната исплатена плата во зоните е за 3% поголема од државниот просек. Компаниите од зоните учествуваат со 4 до 6 % во БДП, односно до 40% во вкупниот извоз на земјава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста