Странските амбасадори по кој знае кој пат порачаа – корупцијата е најголем проблем во Македонија

Криминалот, корупцијата, катастрофалниот процент на доверба во судството – ова трио ќе ни одѕвонува на патот кон ЕУ се додека властите конечно не ги загреат столчињата и не пристапат сериозно на најголемите проблеми. И денеска критики од меѓународниот фактор. Амбасадорката на САД Анџела Агелер која пред извесно време обелодени дека од Америка ќе биде испратен тим за санкции, да лови корумпирани функционери, денеска уште еднаш потсети дека борбата против корупцијата мора да биде приоритет. Во врска со посетата на советникот од Стејт Департментот, Дерек Шоле, Агелер вели дека тој е посветен на на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, а оваа посета ќе треба да ја нагласи, посветеноста за просперитет на регионот.

Најавата за доаѓањето на Шоле сепак постави и други дилеми – дали со него ќе пристигне и црниот список за санкции.

Шоле е многу посветен на стабилноста и сигурноста на Западниот Балкан. Тој со нетрпение го очекува ова патување. Се има сретнато со министерот Османи и има план да ги реафирмира дискусиите кои претходно ги имаа во Њујорк за да се дискутира за заедничките приоритети. Борбата против корупцијата ќе остане приоритетот за Вашингтон изјави Анџела Агелер за најавената посета на советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, закажана за во среда.

Тимот за санкции кон крајот на минатата година Агелер го најави, без да ги штеди македонските институции. Ова може да се заклучи по нејзината тогашна објава во која јасно стоеше: „На правосудниот сектор во Македонија му требаат повеќе истраги и обвиненија за да се покаже дека никој не е над законот“.

Клучната реформа за влез во Европската Унија е независно судство и искоренување на корупцијата. Евроамбасадорот Дејвид Гир и денеска со остри критики дека корупцијата е на многу високо ниво и ЕУ ќе следи будно.

Главен приоритет треба да биде и борбата против организираниот криминал и корупција. Таа борба треба да има дополнителна енергија бидејќи ЕУ од блиску ќе го следи развојот на настаните во овој дел – во делот темелници од првиот до последниот дел од преговарачакиот процес. Владата секако го води тој процес, но и парламентот е во срцевината“, истакна Гир.

Како поминуваше 2022 година, така се ситнеше и оптимизмот, на македонските власти дека брзо ќе се движиме кон ЕУ. Ова беше очекувано бидејќи кон крајот на годината се засилија критиките од претставници на ЕУ, САД – наши важни стратешки партнери, дека и покрај сите нивни напори, покрај се што вложиле, нема напредок ниту во судството ниту во борбата против корупцијата. Дали во 2023 ќе има придвижување кон подобро, тоа никој не може да го вети. Останува да видиме кои ќе бидат следните чекори на Вашингтон и Брисел за конечно да го вразумат државно-политичкиот врв, бидејќи, иако власта зборува дека уставните измени се главниот чекор за членство во ЕУ, во суштина, главниот проблем се корупцијата и криминалот.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста