Страв од невработеност, инфлација, војни: Ова го плаши светот во 2023

Човештвото со песимизам влегува во 2023-та. Истражувањето на меѓународниот институт ИПСОС, спроведено на светско ниво, покажува дека над половина од испитаниците ја опишале 2022 како година која била лоша за нив и нивното семејство, а над 70% истакнале дека била лоша и за нивната држава.

За 2023-та луѓето со песимизам гледаат на економските процеси, 70% очекуваат цените, инфлацијата, нивото на невработеност и каматите да продолжат да растат.

Речиси исто толку лоши се и очекувањата за глобалната безбедност. Скоро половина од испитаниците се загрижени дека во 2023-та постои веројатност некој повторно да употреби нуклеарно оружје. Над 40% очекуваат хакери на странска влада да предизвикаат глобална информатичка хаварија, додека пак половина од испитаниците стравуваат од вештачка интелегенција и нејзиниот потенцијал да создаде хаос.

Кај човештвото постои страв и грижа и за катастрофални небесни непогоди. 22% сметаат дека има веројатност на земјата на падне астероид, додека значајни 18% одговориле дека очекуваат во 2023-та да не посетат вонземјани.

Сепак, на одредени процеси се гледа и со оптимизам. Многумна очекуваат оваа година да биде карактеризирана со вселенски подвизи. Скоро половина, сметаат дека ќе бидат лансирани нови ракети кон Марс, а речиси 40% очекуваат развој на вселенски туризам и екскурзии до Месечината. Една третина од жителите на планетава сметаат оти во следната година ќе ги видиме првите успешни имплантирања на медицински микро-чипови во човековиот мозокот.

Но, надежта последна умира. И покрај несигурноста и анксиозноста за тоа што не чека во иднина, двајца од тројца во истражувањето очекуваат 2023-та да е подобра од она што го искусиле во 2022-та.

Истражувањето е спроведено од меѓународниот институт ИПСОС во 36 држави низ светот. Во периодот од 21 октомври до 4 ноември тие интервјуирале 24.471 возрасно лице.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста