Стопанството на работ на опстанок

Стопанството на работ на опстанок. Речиси 5 илјади фирми од стартот на годинава ставиле клуч на врата, а се очекува затворањето на компаниите да продолжи до крајот на годината. Бизнисите едвај преживуваат, а Владата никако да донесе антикризни мерки за да им помогне. Алармираат дека постојаниот раст на цената на струјата ќе ги дотолчи, ако Владата под итно не им излезе в пресрет. Некои од компаниите немаат пари ниту да ја платат сметката за струја, а камоли да поделат плати на вработените. Велат времето е кратко до целосен колапс, особено на малите бизниси. Зголемените трошоци за енергија, суровини, транспорт, работна рака на крај паѓаат врз грбот на купувачите, бидејќи ако не ги зголемеле цените, голем дел од нив со сигурност ќе пропаднат.

„Самата компанија нема профитабилност за да ја плати само сметката за струја. Ликвидноста дефинитивно се нарушува. Покрај тоа што влезните импутни суровини, нивната цена се покачува. Исто како импут е енергијата, тука се човечките ресурси, односно зголемени цени на работна рака и самата компанија нема профитабилност основна, нема ни ликвидност да ги плати овие трошоци“ – вели Горан Ѓоргиевски од Агробизнис комора при ССК..

Стопанството веќе некое време бара сите фирми да се стават на регулираниот пазар на струја за колку толку да плаќаат поевтино. Со овој потег, на фирмите драстично би им се намалиле трошоците за струја до 120 евра за мегаватчас. Бизнисмените сметаат дека нема никаква логика да плаќаат пазарни цени како ликвидните компании во Германија на пример, кога Владите на сите околни земји им помогнале на фирмите со пониска субвенционирана цена на струјата. Токму затоа, бараат македонските власти да го сторат истото.

„Цената на струјата во македонија за бизнисот е 420-430 евра за мегаватчас. Во Србија држава за цело времетраење на ковид кризата изминатите две години и оваа трета година, ја гарантира цената и таа е 75 евра за мегаватчас. Во Албанија цената гарантирана субвенционирана е 90 – 110 евра, во БиХ е 55-75 евра“ – вели Ѓоргиевски.

Токму кога фирмите имаат највисоки трошоци во последната декада, министерството за финансии им најави дека планира од нив да земе уште повеќе пари. Ќе се зголемуваат даноците, акцизите, ќе се воведуваат еколошки такси. Стопанските комори гневни, му порачаа на министерот Бесими дека најавата за даночни реформи не можела да дојде во полош момент, а ако сакал да го пополни испразнетиот буџет, наместо да удри врз плаќачите, да засука ракави, да си вработи инспектори и конечно да влезе во борба со сивата економија.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста