Стопанството извиси, нема договор за поефтина струја, власта се правда опиозицијата критикува

Нема ништо од очекувањата дека власта ќе обезбеди поевтина струја за потребите на стопанството кое е во драматично лоша состојба. Првиот состанок со бугарската страна на оваа тема заврши без успех. Надлежните уверуваат дека имаат решение за предизвикот но дилемите се какво ако се знаат состојбите дома, а и во околината. Опозицијата критикува за неспособност, власта уверува дека ќе направи се за струјата драматично да не поскапе. 

Домашните компании по се изгледа ќе извисат во испораката на поевтина струја од соседството. Иако се најавуваше, нема договор за цената на струјата по која Македонија ќе ја купува од Бугарија во престојниот период. Првата средба на работните групи во Софија заврши безуспешно. Наредната недела двете страни ќе ги продолжат разговорите за да ги прецизираат деталите околу цената по мегават час, како и трошоците на транспортот на струјата. Македонската и бугарската делгација, се уверени дека договор мора да се постигне до крајот ма месецот.

Опозицијата во Македонија критикува дека договорот за снабдување со струја од Бугарија од околу 5 гигавати дневно, по цена од 400 евра по мегават час, македонските фирми ќе ги чини 2 милиони евра дневно. Велат, ако оваа струја се произведеше дома, ако работеше РЕК Битола и Осломеј со полн капацитет, ќе чинеше не повеќе од 60 евра по мегават час.

  • За период од 180 дена, колку што ќе трае договорот за увоз, кон Бугарија ќе бидат исплатени над 360 милиони евра. Струјата од 200 мегавати на час, е струја која може да се обезбеди од третиот блок во РЕК Битола, доколку власта обезбедеше јаглен и го оспособеше истиот. Тогаш наместо 2 милиона евра дневно за струја, ќе се трошеа не повеќе од 350 илјади евра. А за целиот период наместо 360 милиони евра, македонските фирми за струја ќе потрошеа не повеќе од 60 милиони евра. Истата струја од Бугарија, можеше да се супституира со вклучување на втората турбина во ТЕЦ Неготино, доколку се обезбедеше за неа навремено мазут, со што ќе се добиеја 110 мегавати, а за дополнителните 90 мегавати ќе можеше да се надоместат од ТЕ-ТО, доколку исто така навреме се снабдеше државата со гас по нормална цена. Фирмите немаше да плаќаат скапа струја, доколку претходно владата не се трудеше да става провизии на увозот на јаглен и мазут и навремено се снабдеше, вели Марија Митева портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Власта се правда дека договор е можен и земјава нема да се соочи со големи последици. Првиот човек на државните елекрани вели дека ЕСМ – во чиј домен е производството на струја, интензивно се подготвува за зголемување на домашното производство со што би ги покриле потребните количини за домаќинствата и малите потрошувачи.

  • За рестрикциите кои се најавувани и минатата година, а ги немаше, иако дел од т.н. експерти за енергетика и дел од политичките партии предвидуваа црни сценарија, на крај, ние минатата грејна сезона успешно се справивме со енергетската криза. Сега, исто така, дополнително се подготвуваме, зашто сите најави, изјавите на сите лидери во Европа и глобално, предвидуваат дека зимата што претстои ќе биде една од најтешките во изминатите 70 години. Токму затоа дополнителен мотив и за нас во ЕСМ и за другите енергетски компании, но пред се за Владата е, прво, да се обезбедат ресурси доволни за производство на електрична енергија, второ – да имаме доволно количество на електрична енергија без рестрикции, но и да се внимава на цената. Сега имаме регулирана цена до крајот на годината, а во декември треба да се определи цената за наредните шест месеци, изјави Ковачевски за 360 степени.

Според најавите, македонската делегација очекува да издејствува цена пониска за најмалку 15% од онаа во моментот на берзата. Но проблемот е што за Бугарија како членка на ЕУ, важат стриктни регулативи за продажба на електрична енергија на слобдниот пазар.

Договорот за помош со струја беше постигнат на 5 септември на средбата меѓу македонскиот и бугарскиот премиер. Иако без прецизирани детали, тогаш беше соопштено дека станува збор за колучина меѓу 4 и 5 гигавати струја дневно, но и помош при транспорт на гас и складиарње во постоечките капацитети во Бугарија.

Инаку, стопанството веќе затвори дел од погоните поради високите сметки за струја, владата најави нов пакет помош кон крајот на месецов за ублажување на последиците од енергетската криза.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста