Стопанствениците лути на власта – наместо дијалог, нови оптоварувања

Власта ги собра домашните бизнисмени за да им зборува како до подобар животен стандард, подинамичен раст, повеќе инвестиции. На годишна конференција со наслов Економски предизвици, премиерот и економските министри зборуваа со доста оптимизам, а премиерот изрази дури и задоволство од досега сработеното. Зборуваа за потреба од промени, но клучната се чини треба да биде токму во нивните политики оти за најголем дел од она што досега го спроведуваат трпат критики од бизнисмените.

Лоша комуникација, наметнати обврски, дополнителни давачки. Среде една од најголемите кризи македонското стопанство се жали дека трпи сериозен удар од несериозниот однос на власта. Владата ги собра на средба за да им зборува за подобар животен стандард и повеќе инвестиции, подели совети, но излезе дека ја промаши темата оти на стопанствениците им тежат многу посуштински проблеми. Клучниот е што постојано се дебатира, а ништо поконкретно не се спроведува:

Бизнис заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции, не само закажување и одржување состаноци, туку и сериозно земање предвид на аргументите кои ги изнесуваат и посочуваат компаниите, порача потпретседателот на Стопанската комора, Зоран Јовановски.

  • Во однос на очекувањата за 2023 година, би рекол, ентузијазмот кај бизнис секторот секогаш постои, само бизнис секторот не е еуфоричен, туку секогаш е умерен оптимист. Ќе повторам, бизнис заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции. Државна институција или Министерство ќе закаже состанок, состанокот ќе се одржи, ние ќе ги кажеме нашите размислувања, но работата ќе продолжи онака како што е примарно замислена од Министерството или институцијата и оди со објаснување дека „за ова е разговарано со Комората“. Всушност, тоа мора да се замени со „ова е усогласено или не е усогласено со Комората“. Владата ќе носи одлуки како смета, но ако влегуваме во размена на аргументација, убаво би било аргументите да бидат соодветно третирани, истакна Јовановски.

Власта се правда. Признава дека досега недоволно се направило за економијата да биде конкурентна на глобално ниво. Велат дека недостатоци има многу, зашто сме увозно зависни или имаме недостаток на ресурси без разлика дали човечки или други, па затоа мора да се смени економската структура на нашата држава.

Тој посочи дека полека мораме да ја смениме економската структура на нашата држава.

  • Иако има подобрување, последните четири години во криза ни покажаа дека треба да имаме една цел – да креираме поконкурентна економија. Во година на справување со кризи може да зборувате за краткорочни приоритети и мерки, но јас сметам дека е време да зборуваме и за краткорочни и за долгорочни приоритети. Краткорочните треба да се насочат да одговорат на секојдневните потреби за да не се дозволи да влеземе во рецесија. Долгорочните, пак, треба да одговорат на предвидливоста, рече Битиќи и додаде дека нема предвидливост ако нема долгорочни и јасни приоритети.

Дека Власта малку ги слуша критиките и поплаките на домашните компании зборува и примерот со обврската за двојазични декларации на производите. Наметната буквално преку ноќ, оваа обврска им создава сериозни финансиски проблеми на компаниите, кои во пет до дванаесе се приморани да откажуваат веќе нарачани амбалажи и да плаќаат за нови двојазични.

И додека бизнисот негодува дека Законот е донесен преку ноќ, без консултација со засеганите, од Владата се правдаат дека ударот немало да биде толку голем, зашто со овој Закон, компаниите ќе станеле поконкурентни.

Со овој Закон засегнати се сите гранки, производители на прехранбени производи, увозници на бела техника, облека и обувки, фармација, односно 13 гранки од сите области. Државниот пазарен инспекторат ќе излезе на терен откако ќе се усогласат сите страни. Казните за непочитување за двојазичните етикети се движат од 500 до 10.000 евра за компаниите и одговорните лица.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста