ССМ ќе ја тужи државата пред домашните судови и Советот на Европа

Државата си заработи тужба од синдикатот. Сојузот на синдикати најави дека ќе поднесе колективна синдикална тужба за неусиогласување на колективните договори со Законот за минимална плата. Тоа ќе го наопарват пред домашните судови и Советот на Европа. Од синдикатот не посочуваат колку ќе „тежи“ тужбата, но велат државата многу ќе изгуби, ќе плаќа судски трошоци, а работниците на крај ќе си го добијат заслуженото.

„Колективна тужба во моментов, за државата многу ќе ги чини. Знаеме што значи колективна тужба особено пред Европскиот совет, знаеме што значи тоа во сите извештаи на релевантните фактори, јас не би им препорачал. Остануваме отворени до петок, да повелат, ова што е договорено да го усогласиме. Им даваме можност до петок, бидејќи со Меѓународната организација на трудот се усогласуваме за колективна тужба како пред домашните, така и пред странските судови“ – цели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Синдикалците нема да ги продолжат протестите, но штрајкот во институциите ќе продолжи. ССМ најавува и нови форми на изразување на синдикалниот револт.

„Онаму кадешто ќе има јавен настан, дали е тоа министер или градоначалник или директор на некое јавно претпријатие, ССМ, пак ќе кажам, онаму кадешто не добивме, ќе застанеме пред него за да знае цел меѓународен фактор и на тој настан дека пред тоа министерство, пред тоа јавно претпријатие или пред собранието, дека има гладни работници кои не ги уживаат правата согласно Законот за работни односи и колективните договори“ – вели Димовски.

Според ССМ, повисоки плати добиле вработените во 33 јавни претпријатија. 5 општини ги покачиле платите, а синдикатите преговараат уште 14 општини да го следат нивниот пример. Бараат усогласување на платите со порастот на минималната плата. Досега протестираа пред Владата, собранието, министерствата, бараа одговорност и оставки од пратеници и министтри, но засега без епилог.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста