ССМ ќе ја тужи државата ако итно не ги усогласи платите, тогаш сумата ќе биде огромна

Работниците ќе ја тужат државата ако од 1 јули не се исполнат ветувањата за усогласување на платите, се закани Сојузот на синдикати на Македонија. Викендов нема да излезат на улица, но штрајкот продолжува в понеделник со блокирање на клучни крстосници на два големи булевари. Работниците гневни.

Сојузот на Синдикатите на Македонија ќе ја тужи државата, односно Владата од септември, ако до крај на месецов не се исполнат дадените ветувања за повисоки плати за работниците. Тие не остапуваат од барањето за 2.806 денари, а според пресметките на синдикалците – државата треба да издвои само 30 милиони евра за усогласување на платите. Дел од нив ќе бидат вратени во Буџетот и тоа 38% преку фондовите, 18% по основ на сметки и 14 милиони ќе бидат вратени во бизнисот.

Ако власта остане глува на гласот на работникот, кој ќе бара и оставки, овие 30 милиони евра ќе станат 100 милиони евра. Капак на се ќе има и кривични пријави.

  • После први седми, другари работодавачи, дали од локалната, или од централната власт, не ни се потребни вашите пари, ние ќе си тужиме од 01.09 и ќе си бараме 18,4% зголемување на платите. Повелете и пресметајте колку пари се тоа и што значи тоа за државата, за вашиот буџет, еве за викендов нека си направат една математика, па нека се изјаснат, вели меѓу другото во изјава за Алфа, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовки.

Ако работникот од тебе побара оставка, значи нема каде. Ако тоа си го дозволи Владата, тогаш сме „Дно-дна, како што викаат Србите, наште браќа, додава Димовски за Алфа.

Синдикатите, односно работниците се разочарани што секој ден се повеќе работници купуваат билет во еден правец. Велат тоа е погубно за една држава, која сериозно мора да поработи на подобрување на системот, за да не дојде до најлошто – да останеме без работоспособно население.

  • Е тек тогаш ќе биде хаос во државата, ако не се освестат претставниците од власта, зашто секој ќе си го бара тоа што го заслужува согласно Законот. Ќе нема после ни методологија, ни пак адхок решенија, ни ништо. Тогаш, каде што ќе имаме колективни договори, минималната плата ќе се множи со коефициентот итн. Зашто, до септември ние не можеме да знаеме колкава ќе биде инфлацијата која зема се поголем замав, вели меѓу другото во изјава за Алфа, потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, задолжен за приватниот сектор во земјава.

Во меѓу време, дел од општините меѓу кои Скопје и Тетово, но и во неколку јавни претпријатија линеарно ги зголемиле платите на вработените за 2.806 денари, со што ја искажале грижата за нив.

Инаку, веќе в понеделник, во знак на револт, ССМ ќе го блокира влезот на Скопје од 7 до 10 часот.

Генералниот штрајк, ССМ го организира за заштита на економските и социјалните права и остварување на следните барања од работен однос:

  • Склучување на општ колективен договор за јавен сектор со утврдено зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари во нето износ согласно зголемувањето на минималната плата објавена во Сл. Весник на РСМ бр. 41 од 24 февруари 2022 година и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата.

За жал од страна на владините претставници ниту од владеачкото мнозинство во парламентот нема сигнали дека ги прифаќаат барањата на штрајкувачите иако им се случува генерален штрајк за прв пат по 20 години.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста