Среќен крај: Заврши потрагата по тројцата моторџии на планината Плачковица

Со среќен крај заврши потрагата по тројцата моторџии на планината Плачковица. По дванаесет часа неизвесност, младите луѓе се пронајдени заглавени во кал во планинскиот предел. Последен контакт со групата со која возеле имале синоќа во 19 часот. Во масовната потрага што траеше цела ноќ се вклучија планинари, полиција, моторџии и блиски на исчезнатите. Според ЦУК едно од изгубените лица во 6.58 часот успеало да воспостави контакт со член на фамилијата  и да ги извести дека со моторите се заглавени во кал. Ноќта ја поминале во планината, но сите тројца се во добра здравствена состојба. Ова не е прв случај, да се трага по граѓани кои се загубиле на Плачковица. Во вакви моменти, советуваат искусните планинари, треба да се покаже  психо-физичката подготвеност, но и да се внимава на временските услови.

  •   „Во однос на последните случувања на Плачковица, луѓето најверојатно го заборавиле фактот дека последните три недели имавме континуирано, 24часа врнежи од дожд. Тоа значи дека почвата е заситена од вода, особено оние некатегоризирани патишта по коишто се движат возила или моторцикли„ изјави планинарот Мартин Каровски.

Според планинарите, годишно има од 10 до  15 потраги по граѓани кои исчезнале на Плачковица и Осогово.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста