Средба Пендаровски – Османи Садриу: Македонија ги поддржува евроатлантските интеграции на Косово

Политичка и економска соработка на високо ниво, позитивен тренд на билатералните односи, поддршка во напорите на патот кон Европската Унија – ова се пораките кои денеска од Вила Водно ги испратија претседателот Стево Пендаровски и претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу. Шефот на државата со највиоски државни и воени почести ја пречека својата колешка. Според Пендаровски, Македонија силно ги поддржува евроатлантските аспирации од Приштина, но никако не сака да се меша во српско-косовските односи.

Разменивме мислења и информации за актуелните теми од билатералните односи, за состојбите внатре во двете земји, за нашата актуелна и идна економска соработка, како и за регионалните прашања и европските интеграции кои за жал се одвиваат под притисок на негативните ефекти од руската инвазија врз Украина. Констатиравме дека заедничката иднина на двете држави во евроатлантските структури е влог во натамошна стабилизација и просперитет на регионот на Западниот Балкан, рече Пендаровски на заедничката прес-конференција со Османи. Додаде дека Македонија нема намера да се меша во дијалогот Косово – Србија.

Претседателката на Косово верува дека соработката на релација Скопје-Приштина дополнително ќе се проширува. Посочи дека двете земји имаат тесна соработка и во ангажманот за спроведувањето на реформите, бидејќи, како што вели, тоа е за доброто на сите земји од регионот.

Косово и Македонија не се само географски блиски, но се и држави кои имаат иста визија за иднината. Од почетокот на билатералните односи имаме добар напредок во билатералната соработка во многу области. Имаме над 40 билатерални договори и многу меморандуми меѓу министерствата, како и иницијативи со кои ќе се потпишуваат нови меѓународни договори, рече Османи Садриу.

Османи Садриу и Пендаровски заедно се поклонија на гробот на великанот Гоце Делчев во црквата св. Спас, по што претседателката на Косово се сретна и со собранискиот спикер Талат Џафери. Во свеченото обраќање во Законодавниот дом, уште еднаш потсети на добрата соработка меѓу Македонија и Косово.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста