Спасовски, Пендаровски, некој трет или консензуален со ДУИ – Во СДСМ почна битката за претседателските избори

Заострената реторика на шефот на државата Стево Пендаровски и зачестените јавни настапи на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски покажуваат дека полека започнува внатрепартиската кампања за избор на следниот претседателски кандидат на владејачката партија.

Од моменталната состојба на политичката сцена може да се заклучи дека, барем до сега, во трка за кандидат на СДСМ има двајца политичари.

Последните излагања на Пендаровски во кои ги критикува надлежните за лошата состојба во правосудството и слабата борба против корупцијата ја отвораат дилемата и дали е можно, Пендаровски да се бори за уште еден мандат, по независен пат. Од друга страна се албанските партнери во власта за кои не се знае, дали ќе бараат консензуален кандидат, или ќе одат со свој.

Претседателската позиција на секој политичар е врвно достигнување. Верувам дека СДСМ и коалицијата ќе одат со консензуален кандидат, но ако сигналите почнат да се интензивираат, ќе бидеме посигурни дали може да се случи ДУИ да има свој кандидат, СДСМ свој. Дали Пендаровкси може да биде независен? За сега нема сигнали за тоа, не е забрането тоа иако до сега сме немале таков случај. Мислам дека сепак ќе биде еден кандидат на владејачката коалиција – вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Најидеално би било, да може да се избере претседател кој ќе биде натпартиски фактор, и кој ќе биде претседател на сите граѓани, иако кај нас, според новинарот Зоран Иванов, амбиентот е таков што никој не може да успее без силна политичка поддршка на некоја од големите партии.

Секој политичар има амбиција и сон да дојде до највисоката позиција. Изборите се наредна година, ќе треба анкети да се направат и така натака, но добро забележуваме дека некои потенцијални кандидати веќе се подготвуваат. Но тоа е на корист на една политичка гласачка групација, на штета на друга. Но кај нас се уште амбиентот е таков, без силна политичка поддршка, од силните партии  не може никој да успее – вели новинарот Зоран Иванов.

Иако на големо се шпекулира дека Оливер Спасовски е фаворитот за кандидат на владината коалиција, тој до сега не ги потврдил овие информации. Во повеќе наврати изјавил дека како потпретседател на Владата но и на партијата, смета дека треба да се избере човек кој најголем број од граѓаните посакуваат да биде претседател.

Освен Спасовски и Пендаровски, во јавноста се шпекулира дека претседатеслски амбиции имаат и поранешниот премиер и партиски лидер Зоран Заев, како и поранешната вицепремиерка и партиска потпретседателка Радмила Шеќеринска.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста