Со уставниот предлог за два народа, пет заедници и многу малцинства нема да остане ништо од Македонија

Отворањето на Уставот ја отвори Пандорината кутија – уште не скроена преамбулата, апетитите на албанскиот политички фактор растат. Според аналитичарите, изедначувањето на македонскиот и албанскиот народ во преамбулата, Македонија станува би-национална држава, што ќе повлече подлабоко задирање во Уставот во однос на бришење на „20 отсто“. Зголемувањето на апетитите и тоа кој колку ќе добие од отворањето на Уставот, според Атанасовски може да доведе до политичка криза.

Власта вели дека се работи само за внесување на Бугарите но функционерите од албанска етничка припадност, еве и министерот за правда, вели дека ќе бара да се избришат тие 20%. Така да, отворање на Уставот ќе биде отворање на пандорината кутија. Ќе ги зголеми барањата, што може да доведе до политичка криза – вели политичкиот аналитичар, Благојче Атанасовски.

Во јавноста веќе почнаа да излегуваат можни варијанти на преамбулата, за кои наводно расправале членовите на работната група за уставните измени, политичари и дипломати. Последната варијанта која се споменува е Македонија да стане држава на два рамноправни народи – Македонците и Албанците, на пет етнички заедници – Турци, Власи, Срби, Роми и Бошњаци и неколку малцинства меѓу кои и Бугарите. Со ова не само што се урива унитарниот карактер на државата, туку е целосно спротивно од Охридскиот рамковен договор. Ваквите барања, веројатно доаѓаат од структури во албанскиот политички блок, кои сакаат на националистичка карта да го зајакнат своето гласачко тело.

Тоа се некои апетити од албанските политички партии, но тоа де факто значи уривање на Охридскиот рамковен договор, тоа е Договор потпишан пред повеќе од 20 години, една од главните постулати е дека Македонија е унитарна, уставна држава, таквите барања се спротивни на духот на Рамковниот договор и нема да најдат плодна почва кај нас за жал се уште имаме радикални националистички струи од албанскиот политички блок кои секогаш кога сакаат да го зајакнат гласачкото тело, истакнуваат такви тези со кои апсолутно, дури и се подрива уставниот поредок на Македонија и мислам дека во вакво време не би можело тоа да се случи, посебно во мирнодобски услови и посебно кога Македонија е членка на НАТО – додава Атанасовски.

И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера предупреди дека не е во прашање само бугарскиот диктат за Уставот, без било какви гаранции за Македонија кој го турка владата, туку и како што рече, редефинирање на карактерот на Македонија прекунарушување на нејзината унитарност.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста