Со огномет и забава на Плоштад, во Прилеп пречекана Новата година во која првото родено бебе е женско

По само четири часа од пристигнувањето на Новата 2023-та година, градот под Марковите Кули го доби и првиот нов жител. Во 04 часот и 22 минути, 42-годишната Емилија Златеска, во прилепската Болница, по природен пат на свет ја донесе својата ќеркичка, како втора рожба во семејството што според народните верувања укажува на плодна и бериќетна година. Здравото женско бебе е тешко 3150 грама и долго 50 сантиметри.

На среќната мајка, освен дежурниот тим од Гинеколошкото одделение, традиционално, новороденчето прв и’ го честиташе градоначалникот Борче Јовчески, кој од име на Општината и’ подари штедна книшка со 15.000 денари, како и други пригодни подароци.

Инаку, Новата година во Прилеп, синоќа беше дочекана со огномет на кој му претходеше неколкучасовна музичка новогодишна забава на градскиот Плоштад каде присутните прилепчани ги забавуваа Ди-џеј Дејан и групите „Балканика“ и „Д’ Хаундс“. А точно на полноќ, на расположените сограѓани Новата година им ја честиташе и градоначалникот Борче Јовчески.

 Што се однесува пак до пациенти кои побарале медицинска помош во новогодишната ноќ, од Службата за Итна помош информираат дека интеревенциите биле во рамките на очекуваното, без покритични случаи, освен неколкумина помлади лица кои се пожалиле на труење со алкохол.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста