Со обврзници од пет милиони Евра Општина Прилеп ќе реализира четири капитални и други помали инфраструктурни проекти

Современ кружен тек „Табана“ над коритото од Градската река, пробивање и инфраструктурна реализација на улицата „Победа“, средување на влезот Прилеп – Македонски Брод и поставување фотоволтаци на сите објекти кои се во сопственост на општина Прилеп, а тоа се училиштата, се четирите капатални проекти кои општина Прилеп има намера да ги реализира со издавањето на обврзници во вредност од пет милиони евра. На оваа тема беше организирана и јавна расправа со цел добивање зелено светло и од самите граѓани.

  • „Со првите три проекти, тоа се чисто инфраструктурни проекти кои го означуваат развојот на Прилеп. Со фотоволтаичните панели – производство на електрична енергија и искористување на обновливите извори на енергија“, – рече Бранко Нешкоски од Секторот за ПУП при ЛС Прилеп.

Обврзницата ќе се издава за период од 7 години, со годишна камата од 4,75 до 5 посто, или од 237 – 240 илјади евра камата на пет милиони задолжување. Првите шест години ќе се плаќала само каматата, а додека во седмата година, со последната рата од каматата ќе се исплател и вкупниот износ на обврзницата.

  • „Мислиме дека финансирањето со обврзници ќе не’ релаксира во наредните години да можеме да финансираме од Основниот буџет и други капитални проекти – кажа Драги Ѕвездакоски, Сектор за финансии при ЛС Прилеп.
  • „Кога Владата се задолжува со евро-обврзници, зарем друга алтетрнатива постои ?! Ние имаме во тековната година голем процент на враќање на стари долгови затекнати од преходната власт: за исплата на автобуси, градинки. Друг начин немаме за финасирање“, посочи Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Обврзниците ќе биле понудени на Пазарот за хартии од вредност каде се очекува да има заинтересирани од пензиските и инвестициските фондови, а секако и од граѓаните. Општина Прилеп очекува и дека овој пат нема да имаат опструкции од Министерството за финансии.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста