Со новиот Кривичен законик секоја критика кон Бугарија ќе биде говор на омраза, ама кога поддржувачите на СДСМ сеат омраза никому ништо

Говор на омраза има во Македонија, но само ако имате некоја по-остра критика кон СДСМ, премиерот, министрите, Владата или Бугарија, но ако ширите омраза кон сопстевниот народ или опозицијата, а сте подржувач на СДСМ и власта тогаш тоа е добронамерна критика. Ниту еден од главните поддржувачи на владините политики до сега не е гонет за говор на омраза, иако повеќе од јасно е дека дел од нивните текстови се токму тоа. Ситуацијата сега ќе се влоши откако власта најави и дека барањето на Бугарија секој збор против нив да се смета за говор на омраза, ќе влезе во новиот кривичен законик.

Но дали изјавите и објавите на социјалните мрежи од страна на професори, новинари и експерти ќе бидат доволни некогаш да се отвори предмет за такво дело е нејасно.  

Катерина Колозова, по струка филозоф која од петни жили го брани буквално секое решение на властите, отиде дотаму што побара Македонците, да им се извинат на Евреите за нивната депортација за време на Втората светска војна.

Сите потомци на некогашните кметови на „бугарската администрација“ кои и ден денес се дел од македонската политичка елита, а и сите ние како народ заедно со нив – поради пасивноста и непреземањето ништо за да се спречи депортацијата (посебно заспаните партизани од тоа време) – треба да се извиниме за депортацијата на Евреите. Бугарија, исто така, но не нам туку на Евреите од Македонија. Безобразно е ние да се изедначуваме со Евреите во тој период. Исто, конечно да се објават архивите за сите Акциски комитети и да видиме колку од „окупаторите“ се локални (јас викам – практично сите), наши луѓе, а нивните потомци и ден денес се видни членови на нашето општество. За да депортирате толку народ, имате локална администрација која и тоа како требала да овозможи услови – напиша Катерина Колозова.

Аналитичарот Ненад Јовановиќ, кој во една прилика сам призна дека ја вработил сопругата во државна институција преку владејачката СДСМ, прво ги квалификуваше како националисти сите кои не ја употребуваат придавката СЕВЕРНА, сега рече дека македонскиот народ постоел од 1945 година. Истиот Јованивиќ беше и дел од таканаречениот граѓански сектор со кој Ковачевски се консултираше за францускиот предлог.  Тој во една колумна дури и го напаѓаше претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев.

Како би се изненадил денес Џорџ Орвел кога би го видел македонскиот академик како му оперира со неговото врвно дело, хушкајќи и повикувајќи од чиста мода, на обединување на сите националисти, велејќи дека во Македонија со случува ревизија на историјата, а всушност мисли на нов тоталитарен поредок со националистички предзнак, во кој тој ќе го води орото, а „сите Груевисти ќе се вратат во својата држава“ – напиша Ненад Јовановиќ.

Новинарот Бранко Тричковски, познат по ширењето омраза, закани и навреди по социјалните мрежи, повторно со нова серија тирада кон луѓето кои не ја поддржуваат моменталната полтиика.

Првокласни патриоти од втор ред. Лажни во својот патос, ужасни во лиризмот, катастрофални во сентиментализмот, неспособни во иронијата, во шегата и во хуморот, претенциозни во полетите, одвратни во своите порази. Тоа е профилот на првокласните патриоти од втор ред. Тие што тврдат дека рамката на Макрон е јамка за Македонија. Психограм на одбраната – напиша Бранко Тричковски.

Според членот 426 кој ќе се однесува на говорот на омраза во изменетиот Кривичен Законик, се предвидува затвор од една до пет години за некој кој јавно предизвикува или разгорува омраза, раздор или нетрпеливост.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста