Со најниски плати и највисока инфлација, Македонија на дното во регионот

Со најниски плати и највисока инфлација, Македонија на дното во регионот. И покрај тоа што просечната нето плата во ноември достигна 33 илјади денари или 536 евра и е зголемена за 13%, сепак не сме подобри од околните земји. Примањата на работниците не растат со истата динамика како во останатите држави. Убедливо највисока нето плата во земјите од западен Балкан има Црна Гора. Во октомври тамошните работници во просек земале 720 евра. Токму во Црна Гора и најмногу пораснале платите за една година, за дури 200 евра.  Втора е Србија со нето плата од 636 евра, трета Босна и Херцеговина со нето плата од 603 евра. Следи Македонија со 536 евра. Зад нас се Албанија и Косово со примања од 533 евра, односно 484 евра просечна нето заработувачка.

Ништо подобри не сме ниту кога е инфлацијата во прашање. Македонија заедно со Босна и Херцеговина има највисока годишна инфлација за 2022 година од над 14%. Следуваат Хрватска со 13,5% и Црна Гора со 13%. Србија, Косово и Словенија имаат инфлација повисока од 10%. Со едноцифрена промена во цените можат да се пофалат единствено Грција со 9,6% и Албанија со најниска инфлација од 6,7%.

И покрај поразителната статистика, Владата не размислува за нови фискални мерки за помош на бизнисот, со што фирмите би имале пари и за покачување на платите. Она што со сигурност се знае е тоа дека од март ќе се зголеми и минималната плата, која треба да повлече и општ пораст на примањата на работниците. Сепак, поради високата инфлација, парите губат вредност, а животниот стандард на граѓаните не само што стагнира, туку и се влошува.

Со една просечна и една минимална плата во земјава, едно четиричлено семејство едвај може да го „закрпи“ месецот. Минималната потрошувачка кошница е поголема за дури 20 илјади денари за една година и надмина 50 илјади денари месечно. Аналитичарите очекуваат инфлацијата да остане двоцифрена и во 2023-та.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста