Сојузот на синдикати од среда излегува на генерален штрајк

Генерален штрајк на вработените во јавниот сектор од среда. Откако Владата ги излажа и не им ги исполна ветувањата за линеарно покачување од 2806 денари, , над 40.000 работници  ќе стапат во штрајк.

Одлуката доаѓа откако работните групи кои биле формирани со тимови од ССМ и Владини претставници со посредство на помирувач не резултирале со никакви конкретни чекори, туку само информативни разговори.

До пред 20-тина дена кога последен пат се видовме со претсавници од Влада, раговаравме за се освен за можноста за покачување на платите во јавниот сектор. Штрајкот ќе трае се до моменти не бидат исполнети нашите барања. Тоа е зголемување на платата за 2806 денари за сите вработени во јавниот сектор и за обезбедување на правна можност за исплата на регрес за годишен одмор, порача Златко Цветковски секретар на ССМ.

Револтот кај синдикатите го крена тоа што ветеното покачување не беше предвидено во ребалансот на буџетот. За ова ССМ поднесе и предлог амандман до пратеничките групи, а го поднесоа од ВМРО- ДПМНЕ. Претседателството на ССМ денес достави и писмо до Собранието, до сите пратенички групи и до комисијата за финансирање и буџет за едногласно сите пратеници да го прифатат и изгласаат амандманот.

Побаравме од нив да го предложат овој амандман и на тој начин да се обезбедат потребните 30 милиони евра за исплата на плати до крај на годината. За жал само од ВМРО-ДПМНЕ го прифатија барањето и го поднесоа амандманот, вели Цветковски.

Од среда ќе работат само 10 проценти од вработените во јавниот сектор со цел извршување на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните.

Писмо на адреса до Ковачевски, Битиќи, Тренчевска и Бесими денес пристигна и од Светската конфедерација на синдикати и Европската конфедерација на синдикати  во кое порачаа дека  вонредната состојба  со поскапување на енергенсите и храната, налага државата да обезбеди пристојни приходи за работниците.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста