Социјалните мрежи како виртуелни ординации – лекарите ги јаде туѓиот срам

Белите мантили „ги јаде туѓиот срам”- срамот на неодговорноста на некои колеги. Особено, по скандалите за смртта на малата Јана, новороденчето во Битола, како и непримерното однесување на анестезиологот во тетовската болница. Од докторската фела остро реагираат за случајот со нивниот колега од Тетово, кој што снимаше и емитуваше во живо пациенти и колеги на Тик Ток. Дел од лекарите гледаат со неверување на ваквите случаи во здравството и силно го осудуваат ваквото однесување на нивните колеги. Според д-р Бајрактаров државата вакви случаи не смее да толерира и треба построго да ги санкционира.

“Мислам дека тоа е класичен пример за злоупотреба на социјални медиуми кој сигурно треба да се осуди. Нема оправдување за такво однесување.Ние треба да работиме за општествен морал.И да покажеме како општество и како држава можеме да поседуваме општесвени и морални норми.Така да моето мислење е, тоа е за осуда, и дека такво нешто треба да биде санкционирано” – вели д-р Стојан Бајрактаров – директор на УК за психијатрија.

Според комуниколозите случајот со анестезиологот не е ниту прв, ниту последен. Злоупотреба на социјални медиуми имало и ќе има. Главниот виновинк за тоа според експертите за социјални мрежи се институциите.

Инаку, докторот во моментов се наоѓа во притвор и е отпуштен од работното место, Лекарската комора допрва треба да се огласи следната недела околу тоа дали и на колкав временски период ќе му биде одземена лиценцата на медицинското лице. Вчера меѓу другото се појави информација од министерот за здравство, Фатмир Меџити кој изјави дека до него стигнале непотврдени информации дека анестезиологот на работа доаѓал под дејство на наркотични средства, ама нема како тоа да го потврди зашто во болницата во Тетово немало формирано дисциплинска комисија до пред две недели.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста