Остри реакции од Бугарија за предлогот бугарски политичари да бидат прогласени за „персона нон грата“

Остриот тон на шефот на државата не и се допаѓа на Бугарија. По предлогот на Стево Пендаровски да се забрани влез во Македонија на европратеникот Ангел Џамбаски и неколку други бугарски политичари, поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева го обвини дека работел за Белград и Москва и со своите изјави Пендаровски ги влошувал македонско – бугарските односи.

Бугарија мора да има многу дефинитивна и остра реакција на изјавата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. За жал, ова не е првпат да дава остри изјави кои не помагаат во развојот на билатералните односи – изјави Екатерина Захариева, претседател на Комисија за надворешна политика на Бугарија.

Ниту Брисел ниту Стразбур нема да дозволи на бугарски политичари да им биде забранет влез во Македонија – реагира бугарскиот европратеник Илхан Ќучук. Според известувачот за Македонија во Европскиот парламент враќањето на ветото за Скопје би било огромна грешка и ќе ги влоши булатералните односи

Нема шанси европските институции да поддржат такво однесување од страна на македонските власти, ниту Стразбур може да го прифатат тоа како нормален пристап. Не можеме да гледаме изолирано на работите. Треба да бараме механизми кои ќе бидат одржливи. Мора да има механизми за следење во рамките на билатералните односи. Има многу примери на земји со тешки историски односи – Словенија и Хрватска, Словенија и Италија. Од гледна точка на историската меморија, ова не е нешто ново – изјави пратеникот во Европскиот парламент Илхан Ќучук.

Додека Захариева го обвинува Пендаровски дека бил под руско влијание, за поранешниот министер за одбрана на Бугарија, односите помеѓу Скопје и Софија ги влошувале бугарски политичари кои работеле за Кремљ. Безбедносниот експерт Бојко Ноев порача – нема европска иднина за Македонија ако не се почитуваат правата на македонските Бугари во земјава.

Афирмацијата на македонскиот идентитет е на сметка на забраната на се што е бугарско, што се одразува и на луѓето во Република Северна Македонија, кои се сметаат себеси за Бугари. Македонските власти се правдаат дека не можат да направат измени во Уставот за признавање на правата на македонските Бугари. Но, во исто време тие за неколку дена донесоа закон против Бугарите – изјави безбедносниот експерт, Бојко Ноев.

Дека европската судбина на Македонија никогаш повеќе не била во рацете на Бугарите покажа и изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков кој по средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ рече дека не е исклучена можноста од ново вето од Бугарија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста