Соседите во наша одбрана: Рама и Вучиќ повеќе ја бранат Македонија од Ковачевски и колегите

Македонија повеќе ја бранат другите отколку нејзините политичари. Додека ние никако да одговориме или реагираме на секојдневните уцени, условувања и провокации од Бугарија, тоа за нас го прават другите. Последни примери се лидерите во Албанија и Србија. Српскиот претседател Александар Вучиќ, поради Македонија, реши да удри по Бугарија. По официјална Софија посебно удри албанскиот премиер Еди Рама, чија земја е исто така блокирана поради бугарските барања кон Македонија.

-Вие сте срам и хаос, момци. Најпрво срамота е што една земја членка на НАТО – Бугарија киднапираше две држави членки на НАТО, Албанија и северна Македонија среде војна во Европа, додека 26 земји членки седат импотентно. Она што треба да направиме е да продолжиме да ја градиме Европа дома. Отворен Балкан е вистински одговор во ситуацијава, додека европскиот пат ќе продолжи оти нема друга алтернатива, но европскиот дух мора да се гради во нашиот регион за да не заостане, изјави Рама.

По Бугарија удри и српскиот претседател Александар Вучиќ. Порачувајќи дека сме им биле братска земја, кажа дека време е да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ, кои во моментов се уште се блокирани од страна на Бугарија.

-Ние тука дојдовме како пријатели. Верувам во европската иднина на Србија и на регионот. Но, заедно со нашите пријатели од регионот ќе се бориме за таа европска иднина и верувам дека заеднички можеме многу да направиме. Македонија, Северна Македонија за нас е братска и пријателска земја. Се што се чувствува во Скопје, го чувствуваме и ние во Белград. Ние ништо не бараме ниту очекуваме, само сакам да ги забрзаме нашите пријателски и братски односи и верувам дека и на европскиот пат и на сите останатите патишта, ќе бидеме заедно, изјави Вучиќ.

Ова не е прв пат Македонија повеќе да ја бранат другите отколку Македонците. Постојат повеќе примери во минатото каде македонските политичари молчеле на провокации од соседите, додека со осуда за истите говореле други странски политичари. Инаку, токму Рама и Вучиќ се причината поради која Ковачевски замина во Брисел, односно чекаше да се договори со нив за да отпатува на самитот ЕУ- Западен Балкан во белгиската престолнина.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста