СОНК и Владата го скокнаа празникот и не преговараа за штрајкот, ама и денеска не најдоа време

Штрајкот на наставниците е во мирување, ама изгледа постпразнично мируваат и преговорите меѓу СОНК и Владата со посредник – чиј рок инаку тече, а максималниот што во четвртокот го зададоа е 10 дена. Значи денеска е петиот ден од зададениот рок, а СОНК и Владата не најдоа време да седнат и да разговараат. И додека врие меѓу наставниците и учениците за тоа како ќе се тера наставата до крајот на годината од која без викенди останува уште околу месец дена, единствениот абер до кој дојдовме од страните во проблемот е дека СОНК и министрите најверојатно ќе продолжат да разговараат утре.

Се одморија за празникот ама не продолжија ни денеска. СОНК и Владата не седнаа денеска со медијатор со цел итно да најдат решение оти штрајкот на наставниците е ставен во мирување, а рокот од 10 дена за негово продолжување се ситни.  Според информациите на Алфа, Синдикатот и министрите најверојтно ќе се сретнат утре. Она што е сигурно е дека и двете страни во новата рамка на преговори влегуваат со старите аргументи – просветарите бараат 18,4% раст на платите и скалесто усогласување со растот на минималецот, а Владата останува на последната сума од 12% и К-15 од в година.

Првата средба работните групи ја имаа минатата недела, откако претходно до СОНК беше доставено известување за отпочнување постапка за мирно решавање на работниот спор, а штрајкот во училиштата беше ставен во мирување, па децата се вратија во клупите во петокот.

Празничните денови никој не ги искористи ни за да објасни дали има решение за темпото на предавање, односно дали ќе се продолжува учебната година. А од неа, ако се изземат викендите останува уште безмалку еден месец.

Алфа побара, но не доби одговор ниту од МОН, ниту од бирото за развој на образвоанието, за тоа кои се следните чекори за учениците.

Од Сојузот на средношколци имаат неколку предлози како да се заврши оваа училишна година и како да се надокнадат изгубените часови и испуштениот материјал.

  • Продолжување на наставата не сакаат ниту учениците, ниту наставниците. Тоа не би имало никаков ефект. Наставниците би дошле, еден – два часа и толку. Затоа сметаме дека продолжувањето би било само формално, на хартија, но без вистински ефект. Размислуваме во насока да се скрати материјалот сега и да се префрли за следната учебна година, велат од Сојузот на средношколци.

И додека на некои ученици им се брза да го завршат средното образование и да продолжат да студираат надвор од државата, дел од нив пак, потпишуваат петиција за одложување на Државната матура. Оние кои сакаат да аплицираат на странските универзитети, велат дека никако не би смеело да се пробијат роковите, бидејќи на голем дел од европските универзитети, краен рок за аплицирање е некаде до средината на јули.

Инаку, штрајкот на СОНК е ставен во мирување, а првиот човек на Синдикатот Јаким Неделков, рече дека периодов ќе работеле на соодветни решенија, со цел да нема потреба од активирање на штрајкот.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста