СОНК: Владата и ЗЕЛС да најдат решение за надминување на енергетската криза во училиштата

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура бара Владата и ЗЕЛС заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата. Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците, наведува СОНК. И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека мора да има настава со физичко присуство.

Владата и општините под итно да најдат решение за ублажување на енергетската криза во школите, зашто децата се најмалку должни да изостануваат од настава. Ова го изјави првиот човек на СОНК Јаким Неделков, откако градоначалниците од Полошкиот регион побараа од Министерството за образование да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека овие две институции треба сериозно да пристапат на овој проблем, бидејќи, како што рече доколку наставата се одвива онлајн личните трошоци на наставниците би се зголемиле.

  • Сите предлози според мене се добредојдени, меѓутоа на смееме да заборавиме под број еден квалитетот на наставата, под број два интересот на луѓето кои што ја реализираат наставата, а тоа се практично и наставниците. Од тој аспект ние и побаравме овие две надлежни институции многу сериозно да пристапат, се разбира да не вклучат и нас во изнаоѓање на решение бидејќи наставниците евентуално ако би работеле од дома би правеле лични, сопствени трошоци кои што не ни одат нас во прилог“, вели Јаким Неделков.

Ние како просветни работници во никој случај не сме за настава на далечина, додава Неделков, зашто квалитетот за учење уште повеќе ќе опадне.

  • Онлајн наставата е нешто најлошо за децата, тоа нее добро за сите “, додава Неделков.

Идејата за продолжување на распустот или воведување онлајн настава доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, за која се разговарало и во Полошкиот плански регион.

  • Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн“, изјави Таравари.

Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека наставата со физичко присуство е најдобра и најефективна форма на воспитно-образовниот процес, и Владата е таа која треба да обезбеди пари за непречена работа на училиштата за затоплување на просториите.

  • Во спротивно, трошокот за струјата, оди на семејствата. При онлајн настава родителите ќе плаќаат за вклучени компјутери, таблети, греалки во детските соби“, додаваат од партијата.

За децата да не изостануваат од настава, од опозицијата предлагаат Владата да ги покачи блок дотациите на општините, училиштата од индустриска струја да се префрлат на тарифа како за домаќинствата, според временските прилики да се одредат неколку дополнителни пократки распусти, со обврзно продолжување на училишната година во јуни.

Од Владата засега велат дека не се размислуваат за промена во зимскиот распуст или за онлајн настава, но остануваат и глуви на барањата на општините да им се помогне во справување со енромните сметки за струја и за греење кои им се и десеткратно зголемени.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста