Сомнителните смртни случаи во прилепската и битолската болница, и понатаму остануваат мистерија

     Причините за смртта на 52-годишната прилепчанка во прилепската болница во февруари, како и за смртта на двете дечиња во битолската болница, едната во март, а другата во април, и понатаму остануваат скриени под мистериозниот превез на сомнежите на нивните најблиски. Од сите надлежни институции – долг, злокобен молк. Родителите на малата Јана, кои дури пред две недели, за првпат беа повикани да дадат исказ во битолското ОЈО, велат дека како одминува времето, тие се се’ поубедени дека вистинските причини за нивната огромна и тешка болка, најверојатно ќе останат закопани со нивното девојче.

  „Се знае дека сеова е залудно. Сите се правдаат дека демек не знаат уште ништо, дека за тоа требало време. Во ОЈО бевме повикани само ние и тоа дури по два месеци од смртта на Јана. Од медицинскиот персонал немаше никој повикано, ниту пак од сведоците од Медицинската школа. Никој. Јасно како ден е дека сакаат да ги прикријат фактите, да ги совпаднат резултатите од ДСЗИ со резултатите од обдукцијата и никој да не понесе одговорност за нашата трагедија“ – ни рече за Алфа, мајката на малата Јана, Кристина Христовска.

  Во иста ваква агонија е и младата родилка, Викторија Крстеска, која своето бебе го загуби по само два часа од раѓањето и без воопшто да си го види.

  „Поминати се скoро два месеци. Се уште немам никаква информација за обдукцијата на моето бебе. Иако како мајка треба да ме известат, за жал, ми кажаа – не смееме ништо да кажеме. Од медиумите дознав дека примероците биле испратени во Судска медицина во Скопје. Ме интересира како ќе се договорат да напишат?! Веројатно како што беше и со Отпусното писмо – испишана во „добра општа здравствена состојба“, а јас во животнозагрозувачка! И, се уште не знам што ќе биде и со мене. Верувајте, се плашам и од најлошото“, – видно потресена ни кажа младата Викторија.  

   И покрај ваквата недозволива неажурност на институциите и преголемата болка и тага што ја носат во себе, и двете семејства велат дека немаат намера да се откажат од докажувањето на фактите за тоа што навистина се случило со нивните деца и кој е одговорен за нивната прерана смрт.

Каролина Дурло

https://youtu.be/ezWSlHNYwF8   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста