Советниците на ВМРО-ДПМНЕ побараа – советот изгласа 15 милиони денари за ФК „Вардар“, Данела Арсовска беше против

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска не сакаше да даде пари за фудбалскиот клуб „Вардар“. Тоа беше и главната точка на која се расправаше во советот на Град Скопје каде мнозинството советници кажаа дека мора да му се помогне на овој клуб кој е со блокирана сметка и во тешка финансиска состојба.

  • Да, изгласана е финансиска помош за ФК Вардар од 15 милиони денари. Беше втор амандман на дневен ред и еден час траеше расправата, имаше интересна дебата зашто сепак станува збор за приватен клуб, но предлогот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан за помошта, што значи гласаа и советници од СДСМ“, изјави Трајко Славевски, претседателот на Советот на град Скопје.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Нелоски ги повика сите членови да го прифатат предлогот амандманот за финансиска помош од 15 милиони денари, укажувајќи дека вината треба да се бара во претходното раководство на Град Скопје.

  • ФК Вардар е Скопје, ФК Вардар е во многу големи проблеми, и да не е во сопственост на градот, но состојбата во која што се наоѓа можеме да бараме вина во претходното раководство на градот и немањето слух да преземе чекори за да не дојде клубот во оваа состојба во која се наоѓа, односно во втора лига со милионски долгови итн, посочи тој.

Нелоски додаде дека фудбалерите 4 месеци немаат земено плата и мора да се изнајде системско решение за во иднина да не се случува ова.

  • Но, ФК Вардар во овој момент се бори против сите околности во кои што се наоѓа и е прв на табелата во втората лига. И итноста на оваа точка и барањето на финансиска помош на ФК Вардар произлезе од тоа што пред некоја седница овде имаше дебата за вработените во ЈСП Скопје кои што немаа земено плата за претходниот месец, а фудбалерите на ФК Вардар немаат земено плата 4 месеци и треба да земат. И мора да се најде системско решение, додаде Нелоски.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска рече дека ова е неприфатливо зашто тие пари ќе заминеле во туѓи џебови, посочувајќи дека нејзина молба е да се изнајде соодветно решение и ФК „Вардар“ да се врати под капата на градот од 2023, а институциите да испитаат што конкретно се случувало во клубот.

  • Град Скопје има конкретен план, план со кој ФК Вардар ќе се врати дома, односно ќе се врати во сопственост на Градот Скопје и повторно ќе ги доживее оние славни времиња во кои клубот имаше најголеми успеси и носеше огромна радост за сите скопјани. Откако ФК Вардар ќе се врати во сопственост на градот каде што припаѓа во клбуот мора да се спроведе сериозна и темелна истрага за причината поради која македонската фудбалска гордост се најде во ваква катастрофална финансиска состојба. Апелираме до МВР, Финансиската полиција и сите надлежни институции да истражат каде завршувала финансиската помош од градот во изминатите години и за кои намени управата и сопствеништвото ги трошело парите на скопјани, рече Арсовска.

И додека Арсовска негодуваше, мнозинството советници го прифатија амандманот кој предвидува доделување на финансиска помош од 15 милиони денари за ФК Вардар.

Инаку, советничката од ВМРО-ДПМНЕ Ирена Попова од денеска не е дел од советничката група на партијата. Таа кажа дека од сега ќе дејствува како независна.

  • Од денеска не сум дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе дејствувам независно, а вие слободно можете да продолжите со заканите кои ги испраќате до мене изминативе денови. Не се плашам и ќе продолжам да работам за она што го ветив на граѓаните во кампањата, а тоа е модерно Скопје. Вие ја блокирате работата на Градот, јас нема да бидам дел од тоа, рече Попова.

Нејзината изјава од говорницата на Советот беше поздравена со аплауз од градоначалничката Данела Арсовска.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста