Собранието ги усвои заклучоците – пратениците ја погазија волјата на народот

„Вкупно гласаа 68 пратеници“ – рече собранискиот спикер Талат Џафери при изгласувањето на заклучоците.

Сепак, на интернет страницата на Собранието пишува дека „за“ гласале 67 пратеници наместо како што првично беше кажано 68. А ако се избројат поединечно гласовите, излегува дека гласале 61. Од собранието засега нема одговор на што се должи оваа разлика.

При гласањето, партнерот во владејачката коалиција ЛДП даде поддршка на францускиот предлог, додека воопшто не гласале пратениците Павле Трајанов од Демократски Сојуз и Маја Морачанин од ДОМ. По гласањето, собранискиот спикер, ги прочита заклучоците што добија зелено светло од пратениците.

„Се задолжува Владата на Р.С. Македонија да го информира Собранието за конечно изгласаната и усвоена Преговарачка рамка и другите документи кои ги усвојува Советот на ЕУ., како и редовно и тековно да го информира Собранието за текот на пристапните преговори вклучително и просецот на скрининг“ – рече Талат Џафери – претседател на Собрание.

Непосредно пред гласањето, по емотивниот говор на пратеничката Дафина Стојаноска, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги фрлија во воздух документите со Заклучоците и демонстративно ја напуштија седницата заедно со неколку пратеници од опозицијата.

Вжештена атмосфера му претходеше на гласањето. Навреди, пцовки, клетви летаа на сите страни. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да апелираат до пратениците од владејачката коалиција Македонци  и Албанци во последен момент да се предомислат и да гласаат „против“. Ги обвинија дека на овој начин го потцениле македонскиот народ кој никогаш нема да им прости за овој потег. Сметаат дека вакво понижување не смееше да се случи, да се преговара за ревизија на историјата и да се погазат жртвите на борците за слобода. Денешното гласање го нарекоа триумф на бугарската политика која тврди дека еден ист народ- бугарскиот живее во две различни држави, но зборува на ист јазик.

„Ни на крај памет не ми беше дека во македонското собрание владејачката коалиција, значи доминантната структура ќе зборува за тоа дека треба да ја ретушираме историјата, дека треба да ги изгазиме гробовите на предците, дека треба да им поплукаме на сета жртва, на сите маки кои ги виделе? Зошто? Зар ова го направивте за уште еден ден власт, за уште пет тендери во РЕК Битола, за уште десет местенки на едно или друго место, за 100-тина вработувања кои што ќе се поделат на една или на друга позиција, за фин одмор кој што веројатно ќе одите во текот на месец август, и каде што кога ќе седите на плажа ќе си велите добро направивме, а длабоко во себе мислам дека и вие знаете што правите“ – вели Александар Николоски – ВМРО-ДПМНЕ.

Излагањето на пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ беше проследено со пискотници од вувузели. Таа се обиде да ја убеди опозицијата да даде зелено светло за земјата да тргнела напред.

„Јас сакам да градам мостови, за мене, за моите деца, за моите внуци, за моите граѓани. Истото тоа го сакаат и моите пратеници, мојата партија. Овие пратеници овде го сакаат тоа. Жал ми е што не го сакате вие тоа“ – порача Снежана Калеска Ванчева – СДСМ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија СДСМ за „бугаризам“ и асимилација на народот, сè со цел, како што рекоа да се задржат уште кратко на власт и да не се борат против криминалот и корупцијата.

„ Идентитет на еден народ е неговиот јазик, историја и неговата култура. Е сето тоа, со овој француски предлог, со овој бугарски предлог го прифатиле Заев и неговиот поттрчко Таче и свитата околу него, заминува во неповрат. Што да очекуваме од незналици, од луѓе кои немаат чувство на припадност“ – рече Ане Лашкоска – ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката Рамбабова од СДСМ трудејќи се да ги надвика свирежите, порача дека од меѓународниот фактор добиле само поддршка и охрабрување за влез во Унијата со чист македонски јазик, идентитет и културни особености.

„Гласам „за“ зошто нас ни е должност, за да обезбедиме подобра иднина за младите во државата. И на крај, времето ќе покаже кој од овде бил патриот, а кој предавник“ – Емилија Рамбабова – СДСМ.

Дебатата и гласањето во Собранието беше проследено од странски новинари и под будното око на евроамбасадорот Дејвид Гир.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста