Смртта на 52-годишната прилепчанка и двата други сомнителни смртни случаи во прилепската болница, се уште – мистерија?

И по еден месец од скандалот, трите сомнителни смртни случаи во прилепската Болница остануваат мистерија?! „Целата прибрана доказна документација по откривањето на интрахоспиталната инфекција во прилепската Општа болница пред точно еден месец и изразените сомневања за три смртни случаи кои се случиле во тој период се наоѓа во Вишото обвинителство во Битола и ние се уште не знаеме што содржи таа. Очекуваме за скоро време повторно да ни бидат вратени назад“, – ни изјавија за Алфа од ОЈО во Прилеп. Оттаму велат дека заради специфичноста на овој случај, а и да му се дадело приоритет, но и заради недоволниот број на обвинители во прилепското Обвинителство, кои се само двајца, интерес да помогне покажало и Вишото обвинителство, практика која се случувала и порано со други предмети. Во прилепското Обвинителство се уште немаат информација и дали се стигнати резултатите од обдукцијата од починатата 52-годишна прилепчанка за која постоеа сомневања дека починала од сепса после рутинска гинеколошка интеревенција – киретажа. „Штом ќе ни бидат вратени документите, ќе знаеме точно во која насока ќе се движи постапката“, – ни беше речено од ОЈО Прилеп.

  Инаку, скандалот со интрахоспиталната инфекција во прилепската Болница го откри Алфа пред точно еден месец, кога болнички доброупатени извори го вклучија црвениот аларм дека во Болницата е присутна бактеријата “серација“, која заради ретката појава ги вчудоневиди и загрижи дури и лекарите со повеќедецениско искуство.  Под притисок на јавноста, ДСЗИ веднаш направи вонредни контроли и го потврди присуството на бактеријата „серација“, како и на бактеријта „стафилококас епидермидис“.

Присуството на овие бактерии, тогаш на десетина дена ги затвори и сите операционите сали во прилепската Болница. Дел од лекарската фела во прилепската Болница, тогаш предупредија дека интрахоспиталната инфекција најверојатно била предизвикана од нехигиенски услови или заради нередовна и нестручна стерилизација, но и дека затворањето на операционите сали било направено со задоцнување, што според нив, резултирало и со неколку сомнителни смртни случаи, а за кои ОЈО доправа треба да утврдува.  

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста