Смртта на малата Јана со многу сомнежи и се уште без разврска

Причината за смртта на малата Јана, и по речиси две недели, останува мистерија. Таткото на шест годишното девојче Стојче Христовски со болка и тага по своето чедо, прашува ќе понесе ли некој одговорност и уште колку време ќе ја чекаат вистинската причина за смртта на нивната ќерка? Тој не верува во извештајот што ќе излезе од обдукцијата.

“Многу луѓе загинаа досега, ниту за еден не се докажа …некој за нешто да одговара и да сноси одговорност. Сите доктори што ги познаваме, и во државата и надвор од неа велат дека инфузијата била пресудна. Дури можело и да се спречи..докторката не била присутна додека течела инфузијата, сестрата изигравала докторка” – вели за Алфа таткото на починатата Јана.

Од Обвинителството за Алфа велат дека наодот од обдукцијата се уште го чекаат.

“Наодот од обдукцијата се уште не е пристигнат, бидејќи за дел од анализите кои треба да се извршат е неопходно повеќе време за нивна изработка. Во меѓувреме надлежниот јавен обвинител презема други дејствија на проверки. Со оглед на ненадоместливата трагична загуба за семејството, јавниот обвинител очекува не само да го слушне нивниот исказ, туку и да биде во можност да им понуди некакви одгвоори во поглед на причините за смртта на девојчето, врз основа на до тогаш обезбедените докази” – велат од ОЈО за Алфа.

Шестгодишното девојче почина на 22 март по примена инфузија во болницата во Битола. Девојчето било донесено со температура и дехидрирано поради повраќање, па докторите му дале инфузија на детето по што му се влошила состојбата. Родителите ги обвинуваат лекарите за грешка при лекувањето.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста