Сламков: Да се формира Национален совет во Собранието за борба против корупција

Формирање на Национален совет во Собранието за следење на имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупција е формулата за успех во борбата против корупцијата. Поранешниот антикорупционер Ѓорги Сламков предлага пратеник од опозицијата да раководи со советот и на тој начин да се изврши директно влијание врз институциите бидејќи со нив раководат лица избрани од Собранието. Но, само пред два дена претседателката на антикорупциска се пожали дека првиот парламентарец на дневен ред се уште не го ставил извештајот од 2021. Според Сламков, несоработката од страна на Собранието придонесува за голем неуспех во сузбивањето и превенцијата на корупцијата.

„Тие работи треба да се погледат на време, па можеби ќе се направело нешто. Сега да кажеме дека се реализирани само 10 % од активностите, тоа значи дека Националната стратегија не се ни реализира“, изјави поранешниот антикорупционер Сламков.

Вкупно 35 институции исполниле само 10 % од предвидените активности вклучувајќи ги активностите префрлени од 2021 година, ова значи дека проблемот со корупцијата во земјава е многу поголем од она што ние навистина го гледаме коментира Сламков.

„Во борбата против корупцијата првенствено ви треба политичка волја, тоа ви е е број еден  за да покажете успех. Донесување на норматива, закони и стратегии, тоа е лесниот дел тоа ќе се донесе,  меѓутоа имплементицацијата којашто подразбира независни институции е повторно клучен сегмент, тоа значи  деполитизација на институциите и постоење на луѓе со интегритет кои ќе ги водат тие институции“,  изјави поранешниот антикорупционер Сламков.

Образование, земјоделие, не спроведување на закони, долга е листата на сектори каде институциите воопшто не презеле активности во насока на разбивање и превенција на корупцијата. Освен домашната јавност и меѓународната заедница  постојано посочува на висок степен на корупција во македонското општество.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста