„Скрининг“ стана новиот „датум“: Власта во 2018-та си почна со скринингот, сега во 2022-ра почна пак

2022-ра ја копира 2018-та. За власта и тогаш, а и сега Македонија го започна скрининг процесот за преговорите со Евроспката Унија? По четири години откако власта ни кажа дека почнал, скринингот сега повторно почнува. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, сега ја дообјаснува власта, процеост ќе почнел во септември, а претходно само сме се објаснувале.

-Дали може да се забрза скринингот. Тој за Србија и Црна Гора траеше околу 24 месеци, за нас трае веќе пократко затоа што ние имаме поминато година и пол на објаснувачки сесии. Значи сето тоа што сме го поминале се зема предвид, овие шест недели од септември натаму ќе бидат само ажурирање на тоа што е ново донесено до 2019-та до денес. Тоа значи дека веќе имаме подобра стартна позиција, јас би очекувал дека за не повеќе 16 месеци да го завршиме скринингот, изјави Маричиќ.

Сепак скринингот според власта требаше да почне на 17-ти јули 2018-та, а не четири години подоцна, барем ако ги слушнеме зборовите на поранешниот премиер Зоран Заев.

-Скрининг процес почнува на 17 јули овде во Македонија. Тоа е доказ дека Македонија доби датум за преговори, доказ е дека Европскиот Совет никогаш повеќе нема да се навраќа да утврдува датум за преговори, изјави Заев во Собранието на 02.07.2018.

Истиот став го делеше и сегашниот министер за надворешни работи, тогашен вицепремиер за европски прашања Бујар Османи.

-Ексклузивно: Почнуваме со СКРИНИНГ за две недели. Ова ги надмина надмина и нашите најоптимистички очекување. Благодарност до Европската Комисија и Комесарот Хан. Честитки до сите!, напиша Османи на 28.06.2018-та

Скринингот сега ги замени датумот и преговорите, кои според власта Македонија многу пати ги имаше добиено, а факт е дека не ги доби ниту сега, иако власта се обидува да ја продаде таа теза. За реален старт на преговорите, ќе мораме прво да го промениме уставот. Сепак за власта предводена од СДСМ, преговорите ги имавме започнато уште пред четири години, барем така ни се пофали Заев од авион

-Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!, се фалеше Заев од авион.

Датумот кој го добивме, а не го добивме во 2019-та, повторно го добивме, а не го добивме и во 2019-та. Тоа Заев ни го кажа во тек на кампања во Шуто Оризари.

-Прво во Шуто Оризари сакам да ја споделам убавата вест. Пред неколку часа се вратив од Берлин. Нашата заедничка земја конечно отвора поглавја, почнува да преговара, велеше Заев во кампања на 30 април 2019-та година.

Останува да видиме уште колку пати Македонија, ќе добие скрининг, датум, преговори. Можеби сме и рекордери како земја која најмногу пати стартувала со овие процеси, а сепак не стартувала.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста