Скопје денес: „Луна паркот“ само на хартија, бесплатни автобуси нема, ама има уште поголем сообраќаен хаос

Луна паркот уште е само најава, Скопје не доби бесплатни автобуси, ама доби уште поголем сообраќаен хаос. Градот е нечист. Ова се ставовите на скопјани. Не се среќни во сопствениот град, во кој и по промената на градоначалникот, Скопје не стана подобро место за живеење.

Наместо брз, модерен и бесплатен градски превоз, скопјани остана без доволно автобуси. Главниот град е раскопан и нечист како никогаш до сега. Симболот на Скопје, улица Македонија која едно време блескаше во полн сјај, сега ја нардуваат искршените клупи и неуреденоста. И по цели 18 месеци, првата жена на Скопје, Данела Арсовска, не собра сили да направи речиси ниту еден капитален проект за главниот град, реагираат скопјани. Она што го направи, велат, е само хаос во Градот, ископани улици и нервозни граѓани, велат тие.

  • Чекам два саати и нема автобуси, а демек бесплатен превоз ќе имавме, да еве имаме, пешки морам да одам, реагираат скопјани пред камерата на Алфа.

Една од болните точки за најмладите е скопскиот „Луна парк“ кој од ден во ден се повеќе скапува, лоциран во срцето на Скопје. Полн со ѓубре, и обраснат со трева, вака изгледа забавниот парк во Скопје, кој со години ја нагрдува сликата на главниот град. 

Претходно, Данела Арсовска рече дека постапката за изградба ќе отпочнела наскоро.

  • Откако се добиени сите документи се отпочнува најпрвин постапката на тоа да се обезбедат дополнително бројот на реквизити, расчистување на теренот и поставување на постаментите, рече Данела Арсовска на 22/03/2023.

Скопјани не веруваат дека годинава забавниот парк ќе проработи.

  • Срамота и мизерно е ова за Скопје, па на што личи ова ајде кажете ми, видете, немам зборови, велат граѓаните на главниот град.

Колку за потсетување, еве како изгледаше Скопје во 70-тите години, а како Скопје изгледа денес.

Некогашното место каде израснаа и се забавуваа десетици генерации, повеќе од деценија е оставено во заборав, и е само сеќавање за некои минати поубави времиња.

Инаку Скопје нема забавен парк повеќе од 7 години. Ексградоначалникот Петре Шилегов го прекина проектот почнат од неговиот претходник Коце Трајановски, со образложение дека не бил добар и дека во Скопје ќе се градел забавен парк.

Што се однесува пак, до инфраструктурата, речиси и да нема улица во Скопје без дупки, реагираат граѓаните, кои се револтирани од работата на градските власти, зашто како што велат, ништо добро не виделе изминатиов период.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста