Скопјани се жалат на студени радијатори, од ЕСМ се правдаат дека работеле според правила

Скопјани и денеска имаа парно греење само 4 часа утринава. Од ЕСМ Производство на топлинска енергија велат дека температурите биле повисоки, па греењето го исклучиле нешто по 10 и 30. Во вакви услови правилата налагале дека не мора да се пушти греење во попладневните и вечерните часови, што и било направено. Поради прогнозите за повисоки температури следната недела, ЕСМ ќе се однесува на истиот начин. Сепак, ова не значело дека компанијата ќе заштеди на употреба на гас. Засега 70-тина згради остануваат незатоплени во главниот град. Граѓаните пријавиле 600 дефекти, а екипите на ЕСМ се постојано на терен и ги отклонуваат. Парно повторно има и студентскиот дом „Пелагонија“ во населбата Кисела Вода.

„Вчера условите за попладневен старт не беа исполнети. Последен апдејт се прави во 18 часот. Се контролира надворешната температура и согласно тие правила не се стартува. Јас можам да најавам дека согласно прогнозите и денес ќе биде исто така“ – вели Александра Маројевиќ – помошник директор за производство од АД ЕСМ.

Топланите во Скопје имаат гас за само две недели. Директорот на ЕСМ Ковачевски рече дека ќе се набавува гас на пократки интервали за да се издејствува пониска цена, но истовремено се преговара за фиксни цени за 6-месечен договор до крајот на грејната сезона. Ако на светскиот пазар нема гас во доволни количини или пак со ниска цена, скопските топлани ќе работат на дизел. Надлежните уверуваат дека се прават подготовки за работа на дизел и дека евентуалната пренамена нема да значи прекин на топлинската енергија во Скопје. Засега претпријатието нема набавено дизел, но плановите се да се искористат количини од државните нафтени резерви.

„Во врска со достапноста на дизел горивото за производство на топлинска енергија, освен реконструкциите кои течат сега во производните капацитети, ние сметаме дека има доволно средства да си набавиме сами дизел гориво или да ги користиме расположивите средства во државните резерви, кои според наши информации се околу 105 милиони килограми. Тоа се количини кои ќе ја покријат целата грејна сезона со 50 отсто од нивната количина“ – рече Александра Маројевиќ – помошник директор за производство од АД ЕСМ.

Од утре корисниците на централното греење ќе треба да се обратат до пунктовите на ЕСМ и да потпишат нови договори со ЕСМ Снабдување. Државните електрани добија лиценца за производство на топлинска енергија до крајот на грејната сезона, 35-годишна лиценца за дистрибуција и лиценца за снабдување за период од 10 години.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста