Скапата храна ги наполни народните кујни, оброкот стана луксуз за голем број граѓани

Еден оброк во денот, е луксуз за многу луѓе. Редиците во народните кујни каде се делат бесплатни оброци, секој ден стануваат се поголеми. За повеќе од 3.000 граѓани во Македонија овие кујни се местото каде што се прехрануваат. Секој ден во 13 часот во Црквата Свети Спас во Драчево, социјално ранливи граѓани чекаат да го подигнат оброкот со кој ќе треба да го преживеат денот.

Според Отец Оливер  од Хуманитарната организација “Свети Спас” бројката нагло се зголемила поради економската и прехранбена криза. 

Почнавме со 40 оброци дневно, стигнавме до 200,220 оброци, што реално сметам дека воопшто не е малце меѓутоа сето тоа го работиме на 3 пункта, веќе планираме 4 пункт во Скопје така што мислам дека, постојано ќе се зголемува бројката. За жал тоа значи дека нашиот народ гладува“ – вели Отец Оливер.

„Нив им е потребна нашата помош денес, утре можеби тие ќе ни помогнат нас“ – отец Оливер ги повика сите хумани луѓе кои имаат можност, да се вклучат во оваа акција.

Секој од нас да придонесува да го поминеме овој тежок период, фактот зборува дека постојано, секојдневно се затвараат фирмите, се отпуштаат наши браќа и сестри, кои остануваат буквално гладни, т.е. без средства за егзистенција“ – вели Отец Оливер..

Луѓето се многу среќни што се уште има хумани луѓе кои се спремни да помогнат.

Задоволна сум, нема проблем, фала му и слава му и за ова што ни го дава и што го има тука, некој нема ни толку да ни даде да земеме“

Не само во народните кујни. И во „Црвениот крст“ за дури 30 проценти е зголемена бројката на луѓе кои доаѓаат за да добијат пакет со основните прехранбени продукти и да можат да се прехранат. Тие започнаа со дистрибуција на хуманитарни пакети за ранливи групи на граѓани. Организираат акции и собираат донации од пари и храна за да им помогнат на оние на кои сега им е најтешко.

Една кампања опфаќа околу 3000 лица, што не значи дека донации не се случуваат измеѓу периодот од кампања до кампања, или од дистрибуција до дистрибуција. Зависи тоа и од донациите што стигнуваат без разлика дали се меѓународни или домашни, генерално се обидуваме никој да не остане неопслужен“ – вели Катерина Гиевска од Црвен Крст.

Според податоците на ОН дури 828 милиони луѓе биле погодени од глад во 2021 година што е 46 милиони луѓе повеќе во споредба со претходната година.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста