Јавно споделената голгота на младата родилка, предизвика лавина негативни коментари упатени на адреса на распаднатиот здравствен систем

      Хоророт и голготата за пораѓајот на младата родилка, кој од радосен настан се претвори во невиден кошмар со фатален крај за новиот живот, ја дигна на нозе целата јавност. Лично споделеното потресно сведоштво на 24-годишната мајка, инаку адвокатка по професија, за непрофесионалното и дрско однесување на една од докторките, фрли нова темна дамка врз и онака распаднатиот здравствен систем, на што реагираа дури и некои од македонските еминентни лекари.

   „Некои од болниците во државата се сериозно стигнати до воведување принудна управа или катанец на капијата. Оставки и поставување други директори нема да ги реши проблемите. Стануваат опасни за опкружувањето“, напиша на социјалните мрежи д-р Андон Чибишев од скопска Токсиколгија.

   Граѓаните пак, со својот револт и гнев, одат многу подалеку. Илјадници коментари се пишуваат по социјалните мрежи, кои се главно лоши, па дури и морбидни искуства. „Сочувство. Таа докторка пред три години, истото го направи и со моето бебе, а сега исто и на твоето.Ова е неиздржлива болка“, „Викторија, не ја прави истата грешка како мене. Докажи ја вистината. За твоето и за сите деца кои починаа од лекарска грешка“, „И мене пред 6,5 години ми го пукнаа водењакот и со вакуум, на сила ми го извадоа бебето. И мене ми се качуваа на стомак и се дереа како ненормални. Истото го поминав. Ужас“, се само дел од лавината коментари социјалните мрежи.

  Инаку, вчера, младата мајка за прв пат се огласи по трачиниот настан, кога напиша трогателно сведоштво за тоа низ што поминала, обвинувајќи за партиски препукувања, ривалство и неспособност на докторите од битолската Клиничка болница. „Кревајќи ја болницата од болки и молев за рез, уште два часа, госпоѓата која што веднаш после смртта на моето бебе си замина на одмор и не се појави на ниту едно сослушување, која тврдеше дека НЕ УЧЕСТВУВАЛА во мојот пораѓај, иако таа ме искасапи и животински ми скокаше на стомакот, ми се смееше и ми рече ” АКО НЕ ТИ СЕ БЕНДИСВАМЕ НИЕ, ОДИ СИ ВО ПЛОДНОСТ”. Удирајќи ме во стомакот, на кој што сеуште имам траги, насилно ми го извадивте бебето кое НИКОГАШ НЕ УСПЕАВ ДА ГО ВИДАМ!“, напиша несреќната Викторија.

   Од друга страна, засега, ДСЗИ пронајде само админстративен пропуст кај дежурниот лекар кој прв ја примил на преглед, а кој не учествувал во фаталниот пораѓајот. Овој лекар го призна пропустот и изјави дека е подготвен да одговара за тој пропуст, но притоа отфрлајќи секаква вина за негова лекарска грешка.

   Телото на починатото новороденче е предадено на обдукција, а несреќното семејство Крстески најави дека потрагата по вистината ќе ја тера до крај.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста